Избор Култура

Наградата „Гравитација 2015“ за поезијата на Пере Ристески

Охрид, 13. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – На конкурсот од Здружението за наука и култура НОВА, Битола, за необјавен роман, книга раскази и книга поезија, во категоријата необјавена книга поезија, „Еден вечен неделен ден“ од Пере Ристески ја освои наградата „Гравитација 2015“.

За стихозбирката рецензентот на книгата д-р Васил Дрвошанов вели:

– Поетот Пере Ристески вешто го користи јазикот за изнесување на своите емоции, и тој не е само нем набљудувач на појавите во и околу себе си, туку, како што видовме досега, тој изделува одделни негативности и мајсторски, со неколку потези ги слика човековите војни, падови и искачувања на микроплан, овде и сега. Токму затоа неговите песни доаѓаат во современата македонска поезија со грст свежина, надвор од асфалтот и од забревтаноста на големиот град.

Ристески е автор на стихозбирките: „Гревот на првата љубов“, „Крајпатни ветришта“, „Во преграб на мигот“, „Зен верс“ (хаику антологија, уредник и учесник) и „Импулс“ (хаику поезија).

На истиот конкурс, во категоријата книга раскази, младата поетеса и новинар Маја Мојсова ја освои наградата „Гравитација 2015“ со книгата „Потоци. Стапки“.

Наградата ќе им биде врачена на поетскиот фестивал „Поетски синтези“ кој ќе се одржи следниот месец во Битола. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави