Избор Охрид

Настаните од Куманово нема да влијаат врз доаѓањето на странски туристи во Охрид

Охрид, 14. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – Актуелната безбедносна состојба во Македонија и последните настани во Куманово не се одразуваат негативно врз бројот на странски гости кои доаѓаат на охридското крајбрежје, потврдија туристичките работници од Охрид.

Според Асим Меџедовиќ, сопственик на туроператорот „Фибула Ер травел“ кој партнер на „Корендон“ во Македонија, во овој период нема поголеми откажувања на аранжманите од страна на туристите но, како што вели, има знаци на препазливост.

– Тоа следува по објавата на официјалната страна на Холандската амбасада за претпазливост при патување во Македонија. Се надевам дека таа информација ќе биде што поскоро отстранета бидејќи не соодветствува со реалноста и се надевам дека тоа ќе придонесе да продолжи трендот на зголемување туристи кои ќе дојдат во Македонија, посебно во охридско-струшкиот регион. Сигурно дека и ние сме внимателни и гледаме се’ да биде во ред во врска со местата каде што гравитираат туристи. Имаме добра координација со локалната власт и со полицијата, вели Меџедовиќ.

sostanok_turizam

Дека Охрид е безбеден град потврдија и од СВР Охрид од каде велат дека безбедносната состојба на подрачјето каде што делува Секторот е крајно поволна.

– На целото подрачје каде што делува СВР Охрид имаме крајно поволна и позитивна безбедносна состојба без елементи кои укажуваат на нарушувања на јавниот ред и мир или други негативни аномалии кои би се имплицирале во делот на секојдневното живеење во градот, оценува портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Според него, СВР Охрид и ова лето ќе го даде максимумот и ќе придонесе за безбедна туристичка сезона.

– Ќе ги координираме мерките со Локалната самоуправа како и со сите други чинители кои директно и индиректно имаат влијание во обезбедување безбедна и плодна туристичка сезона од секаков агол. Во таа насока СВР Охрид ќе делува пред се’ превентивно. Полициски службеници ќе има на оние места каде што е најраздвижено и каде што во текопт на изминатите години сме бележеле одредени проблеми кои влијаеле на степеност на безбедносната состојба во градот, додава Димоски.

И од општинскиот Сектор за туризам и локален економски развој потврдија дека се прават максимални напори Охрид да има уште една добра, мирна и плодна туристичка сезона.

– Денеска одржуваме состанок со претставници на инспекциските служби, со полицијата како и со туристичките агенции кои работат на инкаминг-туризмот. Ќе ги отстраниме сите проблеми кои се провлекуваа во текот на изминатите сезони за да имаме уште една плодна летна сезона. Што се однесува до безбедноста во градот, Охрид е безбеден град. Во Охрид нема никакви проблеми и туристите ќе можат да се чувствуваат спокојно и безбедно во текот на целата летна сезона, вели Апостолов.

Дека актуелната состојба во Македонија не влијае многу врз странските туристи, доказ е и денешната исполнетост на охридската чаршија со туристи од различни земји. Доминираат Холанѓаните, но на најфрекфентните места се забележуваат и гости од Турција и од други земји. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави