Избор Култура Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Врвни резултати на државниот натпревар „Образовно рандеву 2021“ на МАССУМ за ученици од ДСУ РЦСОО „Ванчо Питошески“ од Охрид

Охрид, 28. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Учениците од ДСУ РЦСОО „Ванчо Питошески“ од Охрид под менторство на професорот по македонски јазик и литература, Перчо Божиновски учествуваа во 5 категории постигнувајќи високи резултати на државниот натпревар „Образовно рандеву 2021“ на МАССУМ, кој во соработка со Американскиот Универзитет на Европа – ФОН се одржа на 23-ти и 24-ти април за средните училишта од цела Македонија.

– Второто место и сребрениот медал во категоријата најдобар филм го освои филмот „Друг човек“ и актерите Дарко Соколески, Ерол Брзев и Димитар Дуноски. Креативните ученици ни покажуваат како може да се биде друг човек и лошите односи и ситуации во минатото да се променат. Никогаш не знаеме каде ќе нѐ однесе животот. Другиот човек во секој е виновен за сето добро што не го направил. Биди промената и другиот човек, носител на низа промени во општествениот живот кои сакаш да ги видиш во светот. Во категоријата постер учениците: Ерол Брзев го освои 4-то место, Даниела Митрева 12-то место, Ана Марија Мискоска и Елена Блажевска 20-то место. Ученичката Сара Џелили со песната „Сироти“ во категоријата најдобра поетска творба го освои 6-то место, додека Николче Ангеловски со песната „Години“ 10-то место, информираат од ДСУ РЦСОО „Ванчо Питошески“ од Охрид.

Учество зедоа и учениците Николче Ангеловски, Дамјан Макешоски и Марко Настески снимајќи заедно со повеќе актери уште еден филм „Изборот е твој“.

– Вредните ученици ни покажуваат како животот често знае да биде многу непредвидлив. Опасностите и пороците ги демнат младите од сите страни во овие измешани времиња и невремиња. Страв, среќа, солзи, кошмари, неосоници, болка во срцето, празнина во душата, пискотници во сонот. Или доброто или злото е насоката по која младите ќе изберат да се движат во животот. Секој нов ден нуди можност за нов избор во животот. Доброто е вистинскиот пат во животот, додаваат од училиштето.

Во категоријата најдобра фотографија зедоа учество учениците Даниела Митрева и Дарко Соколески. Во видео-реклама за МАССУМ и ФОН учество зеде ученикот Давор Стоески.

– И во пандемија учениците докажуваат дека нивниот талент е голем освојувајќи награди. Честитки за сите ученици, менторот проф. Перчо Божиновски, МАССУМ и АУЕ ФОН, потенцираат од ДСУ РЦСОО „Ванчо Питошески“ од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ДСУ РЦСОО „Ванчо Питошески“ од Охрид

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука