COVID-19 Здравје Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, утре започнува вакцинацијата со „Синофарм“

Охрид, 3. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Откако неодамна пристигнаа 200.000 вакцини на кинески „Синофарм“, од утре ќе започне масовната вакцинација во пунктовите во Охрид, Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово и Битола.

Во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид се подготвени 28 вакцинални пунктови, на кои дневно е во план да се вакцинираат над 1.500 граѓани. За вакцинација во салата ангажирани се 50 медицински сестри, 10 лекари и 24 административни работници. Вакциналните пунктови ќе работат во две смени. Денес во Регионалниот центар за вакцинација во Охрид пристигна првата пратка од вакцините „Синофарм“ за имунизација против COVID-19.

Министерот за здравство во Владата на Република Македонија д-р Венко Филипче најави дека наскоро се очекуваат и други големи количества на вакцини и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер“, со што очекува до почетокот на летото да имаме висок процент на вакцинирано население и целосно менување на епидемиолошката состојба. Според Филипче, пунктовите за вакцинација се веќе подготвени.

– Некаде бројката на граѓани што ќе се вакцинира на ден ќе биде помеѓу 10.000 и 15.000 илјади, најави министерот за здравство.

Според Министерството за здравство, бранот полека стивнува, се’ помал е бројот на заболени, а попушта и притисокот за прием во болниците. Според официјалните бројки, во текот на последните 24 часа се направени 946 тестирања, при што се регистрирани 105 нови случаи на COVID-19. Во Охрид се пријавени 2 новозаболени и 3 починати лица, а во локалниот ковид центар во моментов се хоспитализирани 70 пациенти. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука