ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

118 години од смртта на Гоце Делчев

Скопје, 4. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Денес се одбележуваат 118 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Големиот македонски револуционер и национален херој е роден на 4 февруари 1872 година, во селото Кукуш како син на Никола и Султана Делчеви. Основното образование го завршува во Кукуш по што заминува да учи во Солун каде науката и литературата ги усовршува во воената школа. Има активна улога во многу политички клубови во Солун и Софија. Сепак „Лозарите“ имаат најголем удел во формирањето на неговиот револуционерен профил. Годините помеѓу 1894 и 1903 се најплодни во неговиот краток револуционерен живот. Тогаш како учител во штипско Ново Село и Банско значително придонесува во подготовките за вооруженото востание.

Од историско значење е и средбата со Даме Груев во Штип во ноември 1894 година кога го договараат организирањето на мрежа низ цела Македонија за активирање на населението. Сепак тој и неговите следбеници предупредуваа на предвременото кревање на востанието, затоа што тврдеше дека сеуште не е дојдено вистинското време и не се направени потребните подготовки за кревање на востанието.

На пат за Конгресот во Сер, во 1903 година Делчев преноќил во селото Баница. Предаден и опколен, тој беше убиен на 4-ти мај. Неговата смрт значеше откажување за многу визии на овој револуционерен херој.

Револуционерното движење во Македонија за време на Илинденското востание, пред и по него, постојано беше во фокусот на вниманието на странскиот печат, како на европскиот, така и на американскиот. Во редовните рубрики „Македонија“, „Македонското прашање“, „Народно востание во Македонија“ и други најде одраз борбата на македонскиот народ за слобода и сопствена држава. Широко одекна во печатот и загинувањето на организаторот и раководител на сеопштата борба, Гоце Делчев. Тој се опишува како „еден од најдобрите популарни мажи во Македонија“.

Македонскиот народ му оддава должна почит и се сеќава на еден од своите најголеми синови. Неговите идеи се нераскинлив дел од Македонската колективна свест и историја. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука