COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Од 310 илјади граѓани, за вакцинирање во југозападниот регион се пријавиле само 15 илјади

Охрид, 4. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Загрижува бројот на пријавените во електронската евиденција од југозападниот регион на Република Македонија, каде според официјалните бројки треба да се имунизираат 310 илјади граѓани.

Во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид денес започна масовната имунизација на населението од Охрид и уште шест околни општини. Според најавите, капацитетот е 1.500 лица дневно, а она што загрижува е фактот што за денеска беа пријавени 1.100 граѓани, а вкупно во електронскиот систем се пријавиле само 15.000.

Според првиот човек на охридската Општа болница д-р Горан Балевски, ќе биде потребно малку време за луѓето да сфатат дека само со вакцинација можеме да ја победиме пандемијата.

– Единствен лек за овој вирус е вакцинацијата, нема добра и лоша вакцина. Точно е дека вакцинацијата е на доброволна основа, меѓутоа луѓето мора да сфатат дека мора да се вакцинираат. Вакцината има минимални несакани ефекти, а максимален бенефит, потенцираше д-р Балевски.

Д-р Балески: Ако продолжи намалувањето на хоспитализации, ковид одделенијата ќе се вратат во нормална патологија

Тој информира дека во моментов е стабилна состојбата со капацитетите во охридската Општа болница, има намалување на бројот на хоспитализации, како и на амбулантски прегледи и потрошувачката на кислород.

– Моментално се хоспитализирани 70 пациенти, од кои 40-на на кислородна поддршка. Најмладиот пациент има околу 50 години, највозрасниот 85 години, вели д-р Балески кој потенцира дека ако продолжи ваквиот тренд, болницата ќе се врати на нормално работење, односно одделенијата што беа пренаменети во ковид центри ќе се вратат во нормална патологија.

Според официјалните информации од Министерството за здравство на Република Македонија, во текот на последните 24 часа се направени 1.169 тестирања, при што се регистрирани 67 нови случаи на COVID-19. Во Охрид се пријавени 4 новозаболени, 2 починати и 14 оздравени лица, а во локалниот ковид центар во моментов се хоспитализирани 70 пациенти. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука