Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Бочварски: Клучката кај аеродромот и уште 20 км од автопатот Кичево-Охрид ќе бидат во употреба до крајот на годинава

Скопје/Охрид, 11. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Новиот анекс договор кој е во завршна фаза нема да го поскапи автопатот Кичево-Охрид туку ќе го утврди рокот за завршување на проектот, вели во интервју за порталот локално.мк министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој потенцира дека и до него стигале реакциите на граѓаните кои се сомневаат дека оваа делница ќе се изгради но сепак како што вели, безбедноста мора да биде на прво место.

– Верувајте јас потполно ги разбирам граѓаните и нивните реакции се оправдани заради овој лош проект кој за жал го наследивме и кој ни создаде сериозни проблеми, вели Бочварски.

По бројните забелешки дека градежните работи на патот во близина на аеродромот во Охрид е првата слика врз основа на која странците добиваат лош впечаток за земјава, Бочварски е оптимист дека и оваа клучка и уште 20 км од патот ќе бидат во употреба до крајот на годинава.

Сепак, седум години од почетокот на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, на повидок не е неговата завршница. За неполни два месеца истекува рокот кој го најави Владата за завршување на овој проект. Министерот Бочварски вели дека  тимови од ЈП за државни патишта и од Министерството за транспорт и врски активно работат со Изведувачот на подготовка на нов Анекс на основниот договор за продолжување на рокот за изградба.

– Очекуваме овој месец да ги прецизираме работите и Анексот да го поднесеме во Собрание се со цел Пратениците да го изгласаат. Во однос на рокот за завршување на изградбата на овој автопат се уште немаме конкретен рок се до завршување на сите детали од преговорите со Изведувачот. Она што можам да го гарантирам е дека нашиот фокус е ставен на аспектот на тоа да нема дополнителни финансики оптоварување за граѓаните и ветувања од изведувачите за брза и квалитетна реализација на останатиот дел од проектот, потенцира Бочварски.

Во врска со најавите дека од првичните 370 милиони евра, инвестицијата веќе се искачи на 600 милиони, тој со став дека апсолутно не стаува збор за поскапување на проектот.

– Цената е утврдена на 598 милиони евра уште во 2018. година. Сега ќе се пролонгира само рокот за изгрaдба заради проблемите што ги наследивме во 2017 година. Досега се пробиени 95% од трасата, а вкупниот прогрес на работите изнесува 62%. Од техничкиот аспект би сакал да ги информирам граѓаните дека се завршени 22 потпорни ѕидови, а се работи на уште 11, асфалтирани во прв и втор слој на асфалт се околу 240 илјади метри квадратни, целосно е пробиен е тунелот, завршена е примарната конструкција, работиме на секундарната конструкција. Драго ми е што тимовите во министерството за транспорт и врски заедно со тимовите од ЈПДП активно работат, проблемите остануваат позади нас и продолжуваме со силна динамика во текот на оваа градежна сезона, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Комплетното интервју ОВДЕ. (Крај)

извор: локално.мк фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука