Избор Охрид

Владини проекти се рекламираат на официјалниот веб портал на Општина Охрид

Охрид, 15. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – На официјалниот веб портал на Општина Охрид www.ohrid.gov.mk осамна банер-реклама за проектот на Владата на Република Македонија „Се бориме за секое работно место“.

Станува збор за проект на Министерството за труд и социјална политика и Владата на Република Македонија кој опфаќа пакет мерки за вработување.

– Целта на овој проект е придвижувањето на економијата, забрзано отварање и создавање на нови работни места во приватниот сектор, спроведување на политики која ќе помогнат на илјадници и илјадници невработени лица, од различна возраст и со различен статус да се вработат. Овој проект претставува и значително надградување и проширување на мерката за вработување на млади со ослободување од плаќање придонеси 12 месеци, мерка која им помогна на огромен број на приватни компании, во намалување на трошоците за нови вработувања, во развој на нивниот бизнис, стои во описот на проектот на официјалната страна на министерството.

Сепак останува да виси во воздух употребата на општинскиот веб портал за вакви акции и проекти на Владата на Република Македонија. Порталите, со одложеното донесување на соодветна законска регулатива која би ја покрила оваа област, остануваат во „сивата зона“ со недоволно јасно дефинирани правила на игра. Нивното изземање од Законот за медиуми, само ја продолжи агонијата на овој медиумски сегмент и можноста секој да ги употребува или злоупотребува како што сака.

Во овој случај станува збор за официјалниот веб портал на Општина Охрид, што само по себе подразбира дека истиот треба да биде користен за соодветна промоција на општината и да ги дава потребните информации за граѓаните.

Практика е ваквите акции и проекти најчесто да се презентираат преку комерцијалните портали и медиуми, или на официјалните веб страни на соодветните министерства. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука