Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Изведувачи и автори од Охрид дел од детскиот фестивал „Радика фест 2021“

Дебар/Охрид, 1. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во Центарот за културата во Дебар синоќа се одржа 12-то издание на фестивалот на детски забавни песни „Радика фест 2021“.

На фестивалот, кој има натпреварувачки карактер, беа изведени 12 нови композиции, со изведувачи и автори од општините Охрид, Струга, Дебар и Маврово и Ростуше.

Првата награда од жирито ја доби Халиса Малоска, ученичка во петто одделение од Дебар, за композицијата „Моето маче”, автор на музика е Зинче Мимидиноски а текстопсец е младата дебарска поетеса Аделина Муслиовска. За најдобра вокална изведба е прогласена Дефне Фејзули од Врелебрдо општина Маврово и Ростуше за изведба на композицијата „Оваа глава улава“.

Победник од страна на присутната публика, односно од присутните членови на семејствата на младите изведувачи е Лутвие Исаковска за композицијата „Би сакала“.

Најдобриот сценски настап го имаше Надија Нурединоска ученичка од прво одделение од село Долно Косоврасти, која ја испеа песната „Хигиена”. За најдобар дебитант на годинешното издание беше прогласена Аријета Дикоска со композицијата „Мајка”.

Директорот на фестивалот, Зинче Мимидиноски, кој воедно е и директор на Центарот за култура, беше презадоволен што и во овие тешки времиња беа успешни организатори на 12-то издание на овој фестивал.

– Успеавме на младите изведувачи да им помогнеме да го живеат својот детски живот и да ги оттргнеме од вниманието од пандемијата на COVID-19. Сите изведувачи заслужуваат највисока оцена, а на наградените уште еднаш им честитам за одличните интерпретации и очекувам нивните композиции во иднина уште повеќе да се слушаат и афирмираат, рече Мимидиноски.

Дванаесетте нови авторски композиции се дело на познати музичари и композитори меѓу кои Јасмин и Зинче Мимидиноски, Емин Мемишоски, Јовица Каралиевски, додека како автори на текстови меѓудругите се јавуваат, Милка Минкова, Решат Арсланоски, Олга Наумовска, Миладин Угриновиќ и Меџит Фејзули. (Крај)

извор: 24info.mk фото: 24info.mk

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука