Избор Култура Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Вечерва во МКЦ промоција на „Ќе фатит бран”, новата книга поезија од охриѓанката Долорес Атанасова- Лори

Скопје, 5. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – На платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, вечерва, со почеток во 20:00 часот ќе се одржи промоцијата на книгата поезија „Ќе фатит бран“ од поетесата Долорес Атанасова- Лори, добитник на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2020 година.

На промоцијата ќе говорат Јане Чаловски и Биљана Стојановска, рецензент на книгата, а стихови ќе читаат: Ана Голејшка- Џикова, Снежана Стојчевска, Андреј ал-Асади и Јосип Коцев. Музиката за промоцијата е на Горан Атанасов, а видеото е дело на Гала Атанасова.

Долорес Атанасова- Лори е четвртиот добитник на наградата „Тодор Чаловски“ која Здружението за култура, литература и уметност „Галикул“ ја доделува од 2016 година како признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на својот основоположнк и еден од најистакнатите современи македонски писатели, поетот, литературен критичар, преведувач и есеист Тодор Чаловски (1945-2015).

– Конзистентост на мислата, остар поглед на светот, без кокетирање и без шминкање на стварноста, се одлика на поетиката на Атанасова. Читателот што ја сака бруталната вистина стиховите на Д. А. Лори нема да го остават рамнодушни. Од суровите отсечки на реалноста, до чистиот, но не и наивен пристап на сето она што ја опкружува, Атанасова гради храм на стварноста, која ни малку не е лесна за поетско врамување. Едноставноста со која пишува Д. А. Лори не се должи само на краток „поетски занес“, туку на смислена и компактна поетска визија. Додека се читаат стиховите на Атанасова, читателот јава на бран, кој може да направи цунами, но може да ѝ донесе на душата и топло лето, вели за збирката рецензентката Биљана Стојановска.

Долорес Атанасова-Лори (Д.А. Лори) е родена на 26.10.1974 година во Германија. Раното детство го поминува во Германија, а потоа се сели со семејството во Охрид, каде што ги поминува остатокот од детството и средношколските денови, сè до заминувањето во Скопје на студии по англиски јазик и книжевност во 1993 година. Д.А. Лори денес работи како професор по англиски јазик во Скопје. Дел од нејзината поезија е објавена во Букбокс, во поетската збирка 100.000 поети за промена и во е-книгата Поетискон. Нејзината прва книга, Будење во трето лице еднина, беше издадена од „Блесок“ во 2014 година. Во 2016, од печат излегува „Со ветрот под рака“, во издание на издавачката куќа Антолог. По пауза од три години, во 2019 година, излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез“. Во меѓувреме, нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена” и е-книгата „Поетискон“, како и на страната на Словокулт, онлајн магазин за уметност и литература, и Fixpoetry, германска платформа за литература на интернет. Поезијата на Д.А. Лори е исто така објавена во монографијата на Астални проекции, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост“. Таа е добитник на интернационалната награда на „Антево Слово“, која за првпат беше доделена во 2017 во склоп на италијанската поетска манифестација Ангело ла Векија. Досега нејзината поезија е преведена на германски, англиски, српски и шпански јазик.

Автор на дизајнот на корицата е Илијана Петрушевска. Книгата е дел од годишната програма на „Галикул“ и е подржана од Министерството за култура во програмата од издавачка дејност и манифестации за 2020 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука