ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ прослави 9 години постоење (Фото/Видео)

Охрид, 9. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Со пригодна свеченост, Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид, вечерва прослави 9 години од формирањето на оваа исклучително активна организација, која годиниве наназад остави длабок печат во живеењето во Охрид, но и многу пошироко.

Потсетувајќи се на 9-ти јуни 2012 година, Зоран Стевоски од „Брег на младоста“ истакна дека на основачкото собрание биле присутни 120 лица кои донеле одлука за учество на работна акција во Краљево, Србија, каде била неопходна помош за населението кое живеело во областа зафатена од катастрофални поплави, но и одлуки за многу други значајни иницијативи и акции.

No description available.

– Учествувавме и на работната акција во Скопје во 2016 година, кога градот беше зафатен од големи поплави во Стајковсци, Синѓелиќ и Економија. Една година подоцна бевме  дел од најмасовната акција за чистење на брегот на езерото и самото Охридско Езеро со 100 акцијаши – „Мој Охрид, чист Охрид“. Оваа година учествувавме во две локални акции за расчистување на брегот на езерото. Се надеваме дека достојно го претставивме Охрид како домаќини, но и пошироко во Македонија и на Балканот, изјави Стевоски, кој додаде дека од денеска член на „Брег на младоста“ е и нивниот специјален гостин на прославата Јошка Броз, внукот на Јосип Броз Тито.

No description available.

No description available.

Броз во обраќањето истакна дека сака да го поздрави македонскиот народ и напомена дека „Брег на младоста“ е најсилната ваква организација, затоа што имаат и најголем број млади членови.

– Тие кои ги имаат со себе младите не можат да пропаднат. Најубаво беше тоа поранешно време кога сите бевме исти. Мојата сестра беше на работка акција и се омажи на истата. Чест е навистина да се биде дел од ваков клуб. Мило ми е што сум тука и да гледам толку млади лица на кои останува светот. Само заедно можеме да направиме нешто повеќе и додека сме на таа линија, сите поранешни Југословенски републики ќе одат напред, напомена Броз.

No description available.

Исто така, по повод меѓународниот ден на животната средина беше оддржан еко-предизвик „ЕКО-Будилник! Време е да станеш и ТИ ХЕРОЈ!“. Предизвикот се состоеше од 4 чекори, каде тимовите чистеа некоја локација, правеа креативни предмети од рециклиран материјал, ширеа информативни пораки за заштита на животната средина и засадуваа растенија во својата околина. Комисијата која ги разгледуваше завршените предизвици наградите ги додели на најдобрите тимови кои на најкретаивен начин ја разубавија животната средина, додаваат од „Брег на младоста“.

Ова се најдобрите:

Тим Еко- акцијаши прво место:

– Ана Марија Петковска
– Јована Ристеска
– Ангела Трајческа
– Стефани Наумоска

Еко Тим освоено второ место:

– Кристина Војдиноска
– Сандра Рилкова
– Мартина Анастасијевска

Тим Јаготки трето место:

– Сара Петковска
– Теа Николоска
– Валерија Андриеска

No description available.

Акцијашите од клубот „Брег на младоста“ годиниве наназад покажаа дека е можно да се вратат старите вредности и дека една од нивните цели е младите да научат што значи акцијаштвото, што значи убавината на помагањето на оние на кои им е потребна помош и самото учество на работни акции. Потенцираат дека младите треба да се дружат, да го доловат тој етички морален хуман момент на дружење, на препознавање на разликите и заеднички ангажман за градење на нови вредности. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука