ЕКОЛОГИЈА Избор

На 20-ти јуни искачување на Магаро со Mountain Madness

Охрид, 10. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Авантуристичкиот клуб Mountain Madness на 20-ти јуни, по втор пат организира планинарска тура до врвот Магаро (2.255 м.н.в).

Организаторите ветуваат незаборавен викенд со многу авантура, забава, уживање и единствена можност во ист ден да бидете на врвот на планината и да се капете во Охридското Езеро.

Стартот на турата е во 08:00 часот на Липова Ливада на 1.600 мнв. Патеката е во должина од 9 километри, со времетраење од 5 часа во двата правци. По слегувањето предвиден е хепенинг во месноста Корита, каде ќе се доделуваат благодарници на учесниците, информираат за Супер радио и OhridPress организаторите на турата.

Нема достапен опис

– Сакаме овој настан да биде традиционален, да прерасне во плнаниски фестивал, симболично да ги поврземе планината и езерото, со оглед на тоа што следниот ден, 21-ви јуни е Ден на Охридското Езеро, вели Мишко Танески, претседател на Mountain Madness.

– Настанот е поддржан од општина Охрид и НП „Галичица“. Целта е да се поттикне авантуристичкиот туризам. Покрај искачувањето в недела, ден претходно, на 19-ти јуни ќе се одржи индивидуална велосипедска тура околу езерото, а ќе се спроведе и чистење на неколку локации, како и едукативна работилница за екологија, рече Жанко Голабоски, член на клубот.

Секој учесник оди на своја одговорност. Испочитувани се сите здравствени протоколи што се на сила и преземени се сите мерки за заштита на здравјето на учесниците. Секој учесник треба да поседува планинарска опрема, храна во ранец и 1,5 литар вода. За време на акцијата за сите учесници влезот во НП „Галичица“ ќе биде слободен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука