Избор Македонија ОБРАЗОВАНИЕ ТОП ВЕСТИ

Учениците од денес на распуст, надлежните ќе решаваат како ќе продолжи наставата од септември

Скопје, 10. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – За основците и средношколците, денеска е последниот училиштен ден за оваа учебна година, која почна еден месец подоцна поради ковид-кризата.

Според изменетиот Календар за организација на работата на училиштата, учебната година почна на 1 октомври, а бројот на наставни денови беше намален од 180 на 159.

За власта, учебната година заврши успешно и покрај пандемијата.

– Анализите на Министерството за образование и наука се дека учебната година, особено за основните и средните училишта, завршува според очекувањата и предвидувањата што ги имавме од почетокот на учебната година. Ова беше потврдено и со истражувањето што го направи УНИЦЕФ“,изјави заменик-министерот за образование Арафат Шабани, во интервју за емисијата „200“ на ТВ Алсат.

Во двете полугодија образовниот процес беше организиран по комбиниран модел – мнозинството ученици следеа настава на далечина, а на часови со физичко присуство беа најмалите до трето одделение и од повисоките одделенија во помали училишта – подрачни и во рурални средини. Учениците без компјутери имаа можност наставата да ја следат на Македонската радио-телевизија, а некои добиваа печатени материјали. Министерката Мила Царовска вчера изјави дека целта на власта е идната учебна година целосно да се организира со физичко присуство, што сепак ќе зависи од епидемиолошката состојба.

– Сите ние имаме една иста желба, а тоа е во септември да ги видиме училишните дворови полни со детски насмевки, училниците да се полни со ученици, а тоа најмногу ќе зависи од епидемиолошката состојба, рече Царовска.

За учениците кои завршуваат основно образование, од понеделник претстои пријавување за упис во средните училишта во кои,според објавениот конкурс слободни се 30 053 места во 913 паралелки во 109 средни училишта. Матурантите, пак, утре ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е изборен меѓу предметите математика, странски јазик, филозофија или естетика. Првиот, задолжителен испит по мајчин јазик (македонски/албански/турски јазик и литература) го полагаа во саботата.

Поради отежнатите услови за настава и на барање на Сојузот на средношколци, за оваа генерација матуранти е изменет концептот на државната матура откако во февруари беше постигнат договор со Владата – полагаат еден екстерен испит помалку од минатите години и имаат тестови по скратени наставни програми за сите испити (екстерни и интерни).

Во текот на оваа учебна година Министерството за образование и наука подготви и најави повеќе новини за наредната, предвидени во новата Концепција за основно образование, а изработи и нов закон за учебници со цел да се применуваат дигитални содржини. Дигиталните учебници ќе бидат во употреба за четвртоодделенците, а во идните години ќе почне примена и во повисоките одделенија во основното, како и во средното образование. За учениците до трето одделение ќе останат во употреба печатените учебници.

Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование е во процедура во Собранието, а поради барања тој да биде повлечен, законодавниот дом прими и предлог на иницијатива од родители да се распише референдум за непосредно изјаснување на граѓаните. (Крај)

извот: 360 степени фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука