Избор ОБРАЗОВАНИЕ ТОП ВЕСТИ

Матурантите го полагаат вториот екстерен испит

Скопје/Охрид, 11. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Матурантите денеска (10:00 часот) го полагаат вториот екстерен испит од државната матура, а можеа да изберат меѓу предметите математика, странски јазик, филозофија и естетика.

Првиот екстерен испит – мајчин јазик, го полагаа во саботата. Тој беше задолжителен за сите 15 294 кандидати колку што се пријавени за матурата во оваа учебна година

Според податоците на Државниот испитен центар, тест по математика избрале 1529 кандидати. Праксата од минатите години се повторува па повеќе се определиле за странски јазик, а најголем број пријавени има за англиски (13 452). Германски јазик ќе полагаат 140, француски јазик 32, руски јазик 18.

Математика и странски јазик се избор за учениците од гимназиското и од стручното образование, додека за учениците во училиштата од уметностите – странски јазик е во алтернација со филозофија (во училиштата за ликовно образивание и има 14 пријавени) и со естетика (во училиштата за музичко образование и се пријавени 66 кандидати).

Од вкупно пријавените над 15 000 кандидати, 7050 се од гимназиско образование, 7983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование.

Резултатите од двата екстерни испита ќе бидат објавени на почетокот на јули, односно најдоцна 30 дена од последниот (вториот) екстерен испит.

За матурантите кои имаат коронавирус или се во изолација, овозможени се дополнителни термини за полагање на 25-ти и 28-ми јуни, со приложување потврда до училишните комисии.

До крај на месецов матурантите ќе ги полагаат и двата интерни испита во училиштата, а покрај нив имаа и обврска за изработка на проектна задача.

Втора можност за полагање државна матура ќе има во августовската сесија, на 11-ти август за првиот и 13-ти август за вториот екстерен испит. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука