Здравје Избор Македонија

Во тек се двете трансплантации на бубрег од починат донор

Скопје, 11. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – На Клиниката за урологија во тек се двете трансплантации на бубрег од починат донор.

Двајца пациенти на возраст од 30 и 23 години кои подолго време се на дијализа ќе добијат бубрег од 44 годишната пациентка која вчера беше дијагностицирана со мозочна смрт.

– Благодарност до тимовите за експлантација и трансплантација од Клиниката за Урологија предводени од д-р Сашо Дохчев и д-р Сотир Ставридис, кои изминативе 20 часа ги работеа интервенциите во операционите сали. Благодарност до медицинскиот персонал од Клиниката за нефрологија и Клиниката за трансфузиологија кои ги подготвија младите пациенти кои ги примија органите, напиша на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.

Од ресорното министерство информираат дека се очекува и следна трансплантација на коски, по експлантацијата која во раните утрински часови ја заврши тимот за трансплантација од Клиниката за ортопедија. Трансплантацијата на органи е тимска работа и во неа учествуваат пореку десет клиники и околу стотина лекари, медицински сестри и болничари во координација со Министерството за здравство и Националниот координатор за трансплантација др Маја Мојсова Мијовска.

– Голема благодарност до болничките координатори од КАРИЛ и Неврохирургија кои ги водат пациентите во мозочна смрт и разговараат со смејството за можноста за донирање на органите, во тие најчувствителни моменти. Благодарност и до тимовите во Рентген институот, од Институтот за трансфузиологија, од Клиниката за нефрологија и Клиниката за кардологија како и тимовите за трансплантација од хируршките клиники и тоа Кликината за кардиохирургија, Урологија и Ортопедија, како и од приватната болница Жан Митрев. Во период од само 24 часа од поставување на дијагнозата за мозчна смрт сите овие тимови направија експлантација и трансплантација на повеќе органи и покажаа како беспрекорно функционира здравствениот ситем. Најголема благодарност за семејството за 44 годишната жена која ноќва спаси најмалку три животи. Благодарност до нејзиниот сопруг, нејзините деца и најблисото семејство. Тие покажаа што значи хуманост во најтешки моменти, велат од министерството.

Во изминатата една година во земајва се направени пет трансплантации од починат донор и притоа се трансплантирани четири срца и 10 бубрези. Направена е и прва експлантација и трансплантација на коски и коскени ткива. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ФБ/Венко Филипче

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука