Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Охридскиот Историски архив ја презеде богатата документацијата на Видое Видичевски

Охрид, 6. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот историски архив ја презеде документацијата на охридскиот поет, новинар и хроничар на градот, Видое Видически.

– Не знам дали постои целосно задоволство во професијата, но ова чувство е блиску до тоа…преземање на документацијата на големиот охриѓанец Видое Видически, витезот на пишаниот збор, човек кој го основал Домот на Култура, Радио Охрид, Архивот во Охрид, огромен број писанија, книги, посвети, а денес неговото творештво во архивот во Охрид, напиша на Фејсбук раководителот на Историскиот Архив во Охрид, доц. д-р Никола Митровиќ.

Можно е да е слика од 2 луѓе

Видое Видически почина на 12-ти декември 2020 година, на 89-годишна возраст. Особено е значаен неговиот ангажман во покренување и профилирање значајни институции во неговиот роден Охрид. Видически во далечната 1957 година го основал и бил прв директор, новинар и спикер на локалната радиостаница Радио Охрид. Во 1969 година како директор на Домот на културата го менува името на институцијата во Дом на култура „Григор Прличев“ и од тогаш во чест на големиот творец ја организира манифестацијата „Прличеви беседи“. Тој е и меѓу иницијаторите за основање на фестивалот „Охридско лето“. Видически е повеќе децении активно присутен на македонската книжевна сцена, автор е на поетски и на прозни книги.

Можно е да е слика од 3 луѓе

Историскиот Архив во Охрид периодов наназад презеде архива од значајни личности и настани кои оставиле и оставаат печат во развојот и афирмацијата на Охрид, но и на градовите што ги покрива архивот. Преземена е архивата на Александар Леко Радиќ, мајсторот Наум Малезанов, Гоце Џуклески, професорот Павле Митрески, познатиот кичевски општественик Љубо Стефанов Богески, Струшките вечери на поезијата… Оваа пракса ќе продолжи и во иднина со цел да сведочи за идните поколенија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Никола Митровиќ-Бабе

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука