Избор Култура

Цело лето бројни изложби во Галеријата на Куќата на Робевци

Охрид, 18. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – НУ Завод и Музеј Охрид и ова лето ќе организира бројни изложби на уметници кои доаѓаат од земјава и странство.

Освен останатиот дел од годината, летниот период како сезона се користи за доста културни настани, кои ги нуди и галерискиот простор на Куќата на Робевци во Охрид.

– Ова лето ќе имаме интересни изложби, нема да станува збор само за класични изложби на слики, туку ќе има исто така изложба на минијатури, изложба на накит, ќе имаме едно многу познато име во македонската ликовна уметност Стефан Хаџи Николов, кој никого не остава рамнодушен со неговите слики – актови. Ќе има изложба на сликар од Кина, тоа ќе биде во скоро време. Името на уметникот ќе го зачуваме малку во тајност и ќе го објавиме непосредно пред неговата изложба. Ќе има шареноликост во поглед на стилот на уметниците, техниките и слично, најавува Никола Николоски, кустос и историчар на уметност.

На 29-ти мај ќе биде поставена изложбата на кинескиот уметник, чие име, заради ексклузивност, ќе биде соопштено непосредно пред отворањето на изложбата.

На 26 јуни, изложба ќе има младата охриѓанка Елисавета Мартинова, која ќе се претстави со рачно изработен накит.

На 10-ти јули изложба на слики ќе има Тони Попов од Скопје, кој живее и работи во Охрид.

На 24-ти јули е закажана изложбата на Стефан Хаџи Николов, додека на 7-ми август пред охридската публика ќе се претстави Владимир Паќиќ – Пајо од Белград.

Летната сезона со изложби во Галеријата на Куќата на Робевци ќе биде заокружена со изложбата на Војан Константиновиќ од Лесковац, која ќе биде поставена на 21-ви август. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави