Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Општина Охрид: Манипулација за јавноста и граѓаните е лажната загриженост на ВМРО-ДПМНЕ за жителите од стариот дел на градот

Охрид, 7. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од голема желба за медиумско внимание и поради недостаток на вистински теми за критика, од ОК на ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да бидат дежурна редакција за пишување неосновни обвинувања кон Општина Охрид и градоначалникот Константин Георгиески, реагираат од Општина Охрид на изнесеното во денешниот допис до медиумите од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Покрај сите смешни соопштенија објавени во текот на изминатиот период и денеска проследија небулозна објава во медиумите исполнета со лаги, кои се плод на нивната голема неупатеност и неинформираност.
Најасно е како ОК на ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека најавениот рок за ставање во функција на рампите во стариот дел на градот е пролонгиран неколку дена и дека тоа создава хаос во сообраќајот, кога во текот на претходните неколку години проследуваа реакции, одржуваа наменски прес конференции и гласно зборуваа против истиот сообраќаен режим и поставените рампи. Познато и докажано е дека ВМРО-ДПМНЕ нема јасен став за ниту едно важно прашање, но вистинска манипулација за јавноста и граѓаните е лажната загриженост за жителите од стариот дел на градот, а не направија буквално ништо за овој дел на Охрид, додека раководеа и со локалната и со централната власт. За разлика од вас, врз основа на препораките на УНЕСКО за регулирање на сообраќајот во стариот дел на градот, оваа локална власт воведе режим на сообраќај врз основа на Правилнк за издавање на картички за движење на моторни возила, кој беше изготвен врз основа на јавни расправи и консултација со жителите. Пререгистрацијата на картичките за движење со возила во стариот град, оваа година е завршена навремено, а системот за регулирање на рампите на влезот кај „Горна Порта“ се’ уште не е ставен во функција поради пожар на електронскиот систем на рампата. Системот е веќе сервисиран и рампите ќе бидат ставени во функција во текот на наредните неколку дена. Функционирањето на рампите оваа година ќе биде регулирано со 24 часовно физичко обезбедување и ќе биде под постојан видео надзор. Господа од ВМРО-ДПМНЕ, Општина Охрид ви благодари за вашата загриженост но ве советува во иднина добро да ги проверите фактите и информациите кога пишувате вакви соопштенија. Воведовме принцип на највисока транаспарентност и достапност до сите информации кои се во интерес на јавноста и затоа ве охрабруваме слободно да се обратите до општината кога имате некакво нејасно и јавно прашање, стои во реакцијата. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука