ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2021 Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Д-р Константин Георгиески кандидат на СДСМ за градоначалник на Охрид

Охрид, 14. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Актуелниот градоначалник на Охрид Д-р Константин Георгиески ќе биде кандидат на СДСМ за прв човек на градот и на престојните локални избори кои ќе се одржат во втората половина на октомври оваа година.

– Во општина Охрид тоа што е направено во овие четири години е повеќе од два или два и пол мандати на претходни градоначалници, вклучително и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, изјави лидерот на партијата Зоран Заев, по последната седница на партискиот Извршен одбор.

Георгиески преку социјалните мрежи порача дека „поддршката дава сила и мотив за нови победи, но истовремено носи одговорност и голема чест“.

– Цврсто чекориме по патот на успехот и овозможуваме посветла иднина за Охрид и за охриѓани. Убеден сум дека можеме да постигнеме уште повеќе. Време е да зацртаме и да тргнеме кон остварување на нови цели. Време е уште еднаш да се обврземе пред граѓаните и пред себеси дека ќе работиме уште повеќе за интересите на нашиот град. Предводејќи ја локалната власт во Охрид, СДСМ покажа и докажа дека знае да креира квалитетни политики. Работевме одговорно, чесно и домаќински. Реализиравме важни проекти, водејќи сметка за зачувување на природните, културните и духовните богатства. На претстојните локални избори продолжуваме со Вас граѓаните, Заедно Напред, за уште една голема победа во Охрид, порача Георгиески.

Тој дојде на местото градоначалник на Охрид на вонредните локални избори, организирани поради смртта на претходниот градиначалник на Охрид проф. д-р Јован Стојаноски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука