Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Монографија по повод пет децении работа на охридскиот Факултет за туризам и угостителство

Охрид, 14. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – По повод јубилејот 50 години работа на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид изготвена е монографија во која се опфатени најважните активности и настани кои биле организирани за и од страна на факултетот.

Од својот почеток во 1970 година како Виша угостителско туристичка школа, заклучно до крајот на 2020 година наведени се почетокот, развојот и работата на наставниот, административниот кадар, како и работата на студентите. Сите кои биле вработени или студенти кои дипломирале на факултетот се дел од оваа монографија.

– Оваа монографија ја креиравме за потребите на факултетот како паметник за она што се случило во минатото и како основа за креирање на други вакви монографии во иднина. Секако, монографијата има за цел да допре до јавноста за да се согледа што се работело на факултетот како најстара високообразовна институција од областа на туризмот и услужниот сектор во државата, вели деканот проф. д-р Цветко Андреески во име на Организацискиот одбор на Факултетот за туризам и угостителство.

Нема опис за фотографијата.

Високото училишно образование во Охрид започнува со Одлуката на Здруженото угостителско-туристичко стопанство од Социјалистичка Република Македонија донесена на 11-ти септември 1970 година за основање на Виша угостителско-туристичка школа.

По изборот на првите наставници, Вишата угостителско-туристичка школа се конституирала како високообразовна институција и започнала со настава на 7-ми ноември истата година.

Факултетот за туризам и угостителство е основан со Закон кој Собранието на Социјалистичка Република Македонија го донесе на седница на Соборот на здружениот труд и на седница на Републичката заедница на образованието, двете седници одржани на 8-ми јули 1977 година, а во 1978 година, ФТУ станува членка на Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука