ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2021 Македонија Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Д-р Кирил Пецаков е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид

Скопје/Охрид, 14. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Нашиот фаворит за Општина Охрид ќе биде актуелниот пратеник д-р Кирил Пецаков, објави за Тв Сител пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.

– Тој претходно беше и советник во Општината Охрид, добро им е познат на граѓаните, ја исполнува својата должност, познат е и во лекарската фела како стоматолог, и меѓу спортистите како ракометар и сметаме дека може на Охрид да му го врати сјајот кој што во овие неколку години наназад Охрид го изгуби, па дури се најде и на црвената ризична листа на УНЕСКО, рече Милошоски за Тв Сител.

Милошоски дополни и дека гледаат предност на Кирил Пецаков против актуелниот градоначалник на Охрид кој е повторно кандидат затоа што градоначалникот на Охрид не е ист за сите охриѓани. За некои охриѓани руши дивоградби, а за некои што се финансиски посилни не. Со тој селективен однос ја губи довербата кај граѓаните.

– Огромна чест, гордост и предизвик исполнет со емоции, за кого ако не за нашиот Охрид. Град на многу цареви, кралеви, светци и интелектуалци, град на 365 цркви, Балкански Ерусалим. Атрактивна светска туристичка дестинација, град кој изобилува со природна убавина. Охрид мора да блесне со сиот сјај и за мене најважно, да биде град во кој младите ќе ја гледаат својата иднина. Дојде времето, дојде финалната битка на нашата генерација, битка по која што Охрид, но и Македонија ќе продолжи да чекори по вистинскиот пат, патот на успехот и светлината. Охрид ќе биде град на сите луѓе, Македонија на сите луѓе. Благодарност на сите за досегашната поддршка, одиме уште посилно и појако до конечен пад на хибридниот режим. Благодарност на довербата и укажаната можност на Извршниот комитет и претседателот Христијан Мицкоски, порача Пецаков на социјалните мрежи. (Крај)

извор: Тв Сител фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука