ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2021 Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Пецаков: Кандидатурата за мене е огромна чест, гордост и предизвик – за кого, ако не за нашиот Охрид

Охрид, 15. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Огромна чест, гордост и предизвик исполнет со емоции, за кого ако не за нашиот Охрид, порача на социјалните мрежи д-р Кирил Пецаков, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид на локалните избори кои ќе се одржат во втората половина на октомври оваа година.

– Град на многу цареви, кралеви, светци и интелектуалци, град на 365 цркви, Балкански Ерусалим. Атрактивна светска туристичка дестинација, град кој изобилува со природна убавина. Охрид мора да блесне со сиот сјај и за мене најважно, да биде град во кој младите ќе ја гледаат својата иднина. Дојде времето, дојде финалната битка на нашата генерација, битка по која што Охрид, но и Македонија ќе продолжи да чекори по вистинскиот пат, патот на успехот и светлината. Охрид ќе биде град на сите луѓе, Македонија на сите луѓе. Благодарност на сите за досегашната поддршка, одиме уште посилно и појако до конечен пад на хибридниот режим. Благодарност на довербата и укажаната можност на Извршниот комитет и претседателот Христијан Мицкоски, порача д-р Пецаков на социјалните мрежи.

Веста за неговата кандидатура ја објави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, кој истакна дека станува збор за човек кој претходно бил и советник во Општина Охрид, добро им е познат на граѓаните, ја исполнува својата должност, познат е и во лекарската фела како стоматолог, и меѓу спортистите како ракометар и може на Охрид да му го врати сјајот кој што во овие неколку години го изгуби. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука