ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2021 Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Пецаков или Георгиески, кој ќе биде новиот градоначалник? Најавуваат фер и достоинствена кампања

Охрид, 15. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Она што подолг период наназад се шпекулираше во охридската јавност, од синоќа веќе е официјално – Охрид добива повторно докторски дуел во изборот за градоначалник.

Неодамна беше објавена кандидатурата на актуелниот градоначалник д-р Константин Георгиески, а од синоќа се знае и името на неговиот најголем конкурент, кандидатот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Кирил Пецаков.

Ваквата поставеност на силите и кандидатите беше за очекување, особено судејќи по резултатите од анкетите кои двете најголеми партии веќе подолг период ги прават во Охрид.

Двајцата кандидати ветуваат фер и достоинствена кампања.

– Иако се уште сме далеку од почетокот на предизборна кампања, упатувам честитки до Кирил Пецаков за изборот за кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Посакувам да имаме достоинствена политичка дебата, со високо ниво на култура и почит. Сметам дека како политичари и носители на функции во текот на претстојниот период треба да продолжиме да работиме за интересите на Охрид, а како кандидати за градоначалник да покажеме сериозност и да ја поштедиме јавноста од здодевна и негативна кампањска реторика. Да сме здрави и живи, се гледаме на избори, објави Георгиески.

Пецаков возврати дека Охрид и охриѓани заслужуваат конструктивна политичка дебата со високо ниво на култура каква што им доликува на кандидати за градоначалници на убавиот Охрид.

– Како кандидат за градоначачалник на Охрид најавувам дека како и досега ќе продолжам со позитивна кампања и моето појавување пред јавноста и кај граѓаните ќе биде гордо и достоинствено преку презентирање проекти и она што им е потребно на охриѓани. Изразувам благодарност за упатените честитки од кандидатот на СДСМ, Константин Георгиески и воедно упатувам искрени честитки за неговата кандидатурата. Време е за промени. Охрид за сите луѓе, порача Пецаков.

Престојните локални избори ќе се одржат во втората половина на октомври оваа година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука