Економија Избор Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

На 19-ти јули се очекуваат првите туристи од Холандија оваа сезона во Охрид

Охрид, 16. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – За в понеделник, 19-ти јули се најавени да пристигнат првите туристи од Холандија кои ќе слетаат со чартер авиони на охридскиот аеродром, преку туроператорот „ТУИ“.

Првиот човек на Агенцијата за промоција на туризмот, Љупчо Јаневски очекува до септемви да имаме холандски гости на ривиерава, но помалку споредено со периодот пред корона кризата.

Македонските власти не донесоа рестриктивни мерки при влез во земјава, но се ќе зависи од тоа како ќе се одвива состојбата со вирусот кај нас и во останатите земји, особено од каде очекуваме гости, бидејќи секоја земја и индивидуално си носи одлуки околу рестриктивните мерки.

– Дополнително, треба да се земе предвид и дека секоја држава си одлучува за своите туристи. И покрај новата линија Варшава – Охрид или рестартираната Варшава – Скопје, полската Влада донесе индивидуална одлука, незваисно од ЕУ, за сите нејзини граѓани кои ќе патуваат надвор, при враќањето во земјата да одат во 10-дневен карантин. Тоа е всушност причината за помалиот број гости кај нас од очекуваниот, истакна неодамна Јаневски во интервју за МИА.

Во 2019 година 32 отсто од туристите во Македонија биле домашни, а 68 проценти странски, притоа домашните оствариле 51 процент од ноќевањата. Смета дека треба да продаваме пакети од три, пет и седум дена во дестинациите, а не кружни тури кои ќе ја претрчаат земјата и ќе остварат престој од 1,6 дена.

– Објективно е во 2020 и 2021 да ги мериме ноќевањата. Нивниот број е зголемен зашто домашните туристи повеќе остануваат во определната дестинација. Ако продолжеше 2020 година како што тргна првите два месеца, во пикот на сеозната не ќе можевме да ги опслужиме сите туристи, рече Јаневски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука