ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2021 Охрид ТОП ВЕСТИ

Црвенковски ја поддржал независната листа Охрид пред се’

Охрид, 17. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Поранешниот претседател на Република Македонија Бранко Црвенковски изразил поддршка за независната листа „Охрид пред се“, објави охридскиот адвокат Владо Чингоски, кој е дел од иницијативниот одбор на листата во интервју за порталот news1.mk.

– Ќе бидам искрен. На почетокот беше само наша иницијатива, која потекна од поединци, за да може целосно да функционира Советот, да го вратиме неговиот дигнитет. После извесно време имавме и некои контакти од други политичари, не конкретно со господинот Црвенковски, кои ни ја дадоа поддршката, за на крај да имаме поддршка и од екс претседателот Бранко Црвенковски. Но таа поддршка е во рамките на неговите можности, повеќе е вербална, отколку било каква друга. Јас имав една средба со господинот Црвенковски, кога му ја образложив нашата програма. Разговаравме многу, особено околу работата на локалната самоуправа. Му објаснивме се’ и ја имаме неговата поддршка. Ова е вербална поддршка, но нас ни значи многу. Не само неговото име со кое застана зад оваа иницијатива, туку и од многу други политичари. Поддршка добивме затоа што објаснавме дека не сме за задоволување на лични интереси, туку бараме луѓе кои ќе го претставуваат Охрид, вели Чингоски.

OhridPress уште во мај оваа година, во анализа за состојбите пред локалните избори пишуваше за насушната потреба која ја има Охрид од една независна група луѓе, ослободена од партиските долгови, интриги и списоци на желби, која ќе може да игра сериозна улога во управувањето со градот.

– Дали тоа ќе биде оваа група луѓе зависи само од нив и од никој друг. Ако бидат искрени, упорни, мудри, ако направат успешна спрега со медиумите, а преку нив и со јавноста, ако привлечат кон себе дел од неопределеното гласачко тело, незадоволните од двете големи партии, ако успеат околу нив да гравитира интелектуалниот дел од Охрид, можеби и имаат шанса, стои во анализата.

Поддршката на човек со политички габарит во СДСМ како Црвенковски за „Охрид пред се“ може да биде од особено значење за нивното соодветно позиционирање и освојување на гласови. Ова може да се одрази и на освоените гласови на СДСМ на изборите, пред се’ во делот на советничката листа, затоа што гласовите кои ќе ги освои „Охрид пред се“ во најголем дел ќе бидат токму од ова гласачко тело. Од СДСМ овие избори наспроти себе имаат исклучително силен кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, што борбата за секој глас ја прави уште потешка.

Со поддршка на Црвенковски или без неа, од „Охрид пред се“ треба да понудат јасна визија за Охрид, истата да најдат начин соодветно да ја презентираат, да понудат имиња без петна од минатото, стручни и чесни, за во октомври да застанат пред охриѓани и да го побараат нивниот глас. (Крај)

извор: ОхридПрес/news1.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука