Избор Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Петкоска: Имаме Градоначалник кој нема капацитет да се справи со проблемот со депонијата „Буково“

Охрид, 17. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Се наоѓаме кај депонијата „Буково“, запалено ѓубриште, на врв на планина, помеѓу двата наши бисери – Охридското и Преспанското Езеро, порача денеска Лидија Петкоска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија во врска со запалената депонија „Буково“.

– Оваа депонија гори со месеци, во време кога туристичката сезона во Охрид е веќе започната, а чадот и непријатната миризба ги трујат и жителите и туристите. Иако решавањето на проблемот со депониијата „Буково“ беше една од забелешките во Препораките од УНЕСКО, имаме Градоначалник кој нема капацитет да се справи со овој проблем. Согласно Препораките од УНЕСКО, оваа депонија требаше да биде затворена до крајот на 2020 година. Следува период на локални избори, период на нови лаги од претставниците на власта, кои ќе ветуваат нови проекти иако ни еден единствен проект не реализираа од ветените за 2017 година. Народот и охриѓани многу добро се сеќаваат на ветувањето за отварање на фабрика за отпад-ветување со рок за реализација до 2019 година. Со отворањето на фабриката за отпад ќе се затвореа депониите кои се оценети како ризични за здравјето на луѓето. Ќе се намалеше загадувањето на воздухот, ќе се искористуваше енергетската вредност на отпадот, ќе се зголемуваше продуктивноста и ќе се отвараа нови работни места, напомена Петкоска.

Таа додаде дека фабриката ќе беше опремена и ќе функционираше во согласност стандардите на ЕУ.

– За тоа колку и што е реализирано од ова ветување, најдобар сведок е денешната слика од терен. За крај, власта која за чудо во последно време почна да го почитува Уставот, ќе ја потсетам дека граѓаните имаат уставно загарантирано право на здрава животна средина. За жал, ниту до Градоначалникот, ниту до надлежните институции не допираат нашите реакции како политичка партија, ниту пак, апелите од граѓаните кои секојдневно реагираат на социјалните медиуми, а и денес се тука за да го изразат својот оправдан револт. Следува време на избори, време во кое народот ќе ја казни оваа власт за да ја направи, додаде Петкоска. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото/видео: ВМРО-ДПМНЕ

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука