ЕКОЛОГИЈА Избор Струга ТОП ВЕСТИ

Еко акција „Да ја зачуваме Белица-да го зачуваме бисерот“

Струга, 19. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Месната заедница на Горна Белица организира еко акција за расчистување на депониите во селото и покрај патот.

Акцијата е под мотото „Да ја зачуваме Белица-да го зачуваме бисерот“. Мини депониите се создадени од несовесни поединци кои го одлагале ѓубрето на места каде не би требало. Ќе се обидеме преку оваа акција, самоиницијативно, да го исчистиме просторот, во насока да го зачуваме она што нашите предци го создале и ни го оставиле, вели за Супер радио и OhridPress Симе Грданоски, претседател на месната заедница Горна Белица.

Нема достапен опис

– Ќе го опфатиме потегот од село Вишни до Горна Белица во должина од седум километри. Ќе го собираме ѓубрето покрај патот, што го оставиле несовесни лица, има мини депонии на две локации, а покрај тоа ќе ја поткастриме и вегетацијата и гранките што го попречуваат осветлувањето. Ова го правиме самоиницијативно, а можна е помош со една машина од општина Вевчани, вели Грданоски.

Акцијата ќе се одржи в сабота, 24-ти јули од 07:00 часот.

Сафари низ дивите беспаќа на Јабланица - Нова Македонија

Горна Белица се наоѓа на планината Јабланица на 15 километри од Струга, на 1.400 метри надморска височина. Првото име на Горна Белица било Бела, добиено од белината на Беличка река што се пени на стрмниот тек. Со време се појавиле две населби, поради што селата ги добиле имињата Горна и Долна Белица. Моментално во Горна Белица има околу 300 викендици, постојани жители има само преку лето, на зима патот е затворен и тежок за одржување, бидејќи знае да падне и до два метри. Во селото има повеќе цркви, а таму е и манастирот, значи летната резиденција на Св. Климент. Како проблеми со кои се соочуваат, жителите ги посочуваат водоводот и осветлувањето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука