Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Првите холандски гости слетаа на аеродромот „Свети Апостол Павле“

Охрид, 19. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Со чартер-лет на туроператорот TUI Fly денеска на охридскиот аеродром „Свети Апсотол Павле“ од Ајндховен пристигнаа првите туристи од земјите на Бенелукс кои организирано преку агенција ќе летуваат на Охридското Езеро.

Со тоа после подолг период наметнат поради епидемијата на корона-вирусот повторно се воспоставуваат редовните сезонски линии од Холандија до Охрид. Предвидено е оваа сезона туроператорот TUI Fly до Охрид да оперира со две авионски линии седмично, со предвидувања дека преку агенцијата оваа сезона тука да летуваат повеќе од 3.200 туристи од Бенелукс.

Министерот за економија Крешник Бектеши изрази надеж дека по забраните што резултираа со намалување на бројот гости, пристигнувањето на првите туристи од Холандија ќе означи почеток на помасовно присуство на туристи во земјата.

– Како Министерство правиме големи напори да им олеснеме на странците да доаѓаат тука. Освен со олеснување на мерките ги исполнуваме и сите меѓународни обврски како што е обезбедувањето безбедносен печат за сите капацитети и со тоа да ја поместиме земјата во „безбедната“ зона…Нашите проекции се дека оваа година ќе имаме зголемен број странски туристи и поголем број ноќевања споредбено со минатата – рече Бектеши.

May be an image of 2 people, people standing, people walking and outdoors

TUI Fly ќе лета во текот на летната сезона 2021 година со два лета неделно, во понеделник и петок, до крајот на септември. Во овој период се очекуваат вкупно 20 летови, со вкупно 3.520 холандски патници, односно туристи на Охридското Езеро.

– Како ТАВ Македонија, со задоволство можеме да кажеме дека сезонските летови на Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид продолжуваат, со што се враќаат патниците и туристите од нашите традиционални влезни пазари на Охридското Езеро, а тоа е уште еден позитивен показател за закрепнувањето на македонскиот воздушен сообраќај. По подолга пауза поради пандемијата прогласена ширум светот минатата година, кога авијацијата и туризмот на глобално ниво претрпеа огромен удар, среќни сме што можеме да ги поздравиме сезонските летови со патниците кои решија да го поминат летниот одмор во Охрид и во нашата земја. Пристигнувањето на туристите на Охридското Езеро е доказ дека кај патниците се врати довербата во патувањата. Искрено се надеваме дека состојбата со пандемијата ќе продолжи да се подобрува и дека ќе пречекуваме повеќе патници, така што македонскиот воздушен сообраќај целосно ќе се опорави достигнувајќи го обемот што го имавме во 2019 година, кога бројот на патници надмина 2,3 милиони. Како оператор на аеродромите, ТАВ е во постојана комуникација со авиопревозниците и тур-операторите, со цел да ги поддржи при рестартирање на сообраќајот и вложува значителни напори во привлекувањето нови авиопревозници за отворање на нови дестинации, изјави Метин Батак, Генерален Директор на ТАВ Македонија.

Летовите на релација Ајндховен-Охрид не се единствените коишто се обновени во рамки на летната сезона на летови Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, којашто почнува во април и завршува во октомври. На 20-ти и 21-ви јуни, на охридскиот аеродром беа обновени сезонските авиолинии на ЛОТ Полиш Eрлајнс, од Полска. Така, сега, полските туристи пристигнуваат два пати неделно во Охрид, односно секоја недела од Катовице и секој понеделник од Варшава, a ЛОТ ќе лета до овие две дестинации до 3-ти октомври. Покрај обновувањето на сезонските дестинации од Полска и Холандија, Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид во моментов има редовни летови на Виз ер кон следните дестинации: Базел, Виена, Малме, Дортмунд и Меминген.

May be an image of airplane and outdoors

Редовните летови пак, на релација Цирих-Охрид се најфрекфентни, а на оваа линија летаат 3 авиокомпании: Еделвајс лета кон Цирих еднаш неделно (недела), Хелветик ерлајнс лета кон Цирих 3 пати неделно (петок, сабота и недела) и Чер ерлајнс лета за Цирих 5 пати неделно (вторник, среда, четврток, сабота и недела).

По големиот пад на воздушниот сообраќај во 2020 година, во текот на првата половина од оваа година или во периодот од јануари до јуни 2021 година, на двата македонски аеродроми имало вкупно 394.224 патници или 374.722 патници кои патувале преку Меѓународниот Аеродром Скопје и 19.502 патници кои патувале преку Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, што претставува 34% од бројот на патници во 2019 година.

Во однос на бројот на летовите, во текот на првите шест месеци од 2021 година, Меѓународниот Аеродром Скопје опслужи 5.244, а Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид 280 летови. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука