ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Брендирано возило со мотиви од Охрид за нашите спортисти на Олимписките игри во Токио

Чигасаки, 19. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Со брендирано возило со мотиви од црквата „Свети Јован Богослов Канео“ во Охрид беа пречекани нашите спортисти во Чигасаки, град со 250.000 жители, кој ќе им биде дом за време на претстојните Олимписки и Параолимписки игри во Токио.

Неговите власти и жители снимија видео во кое им посакуваат добредојде и им изразуваат поддршка.

„Македонија, Македонија, напред!“, велат обичните луѓе од сите возрасти во видеото објавено на YouTube, додека градоначалникот Хикару Сато изразува надеж дека ова е почеток на едно ново пријателство.

– Чигасаки е град-домаќин на олимпискиот и параолимпискиот тим на Македонија и се надевам дека и во иднина ќе го продолжиме нашето пријателство. Сакаме луѓето од Македонија да дојдат да го посетат Чигасаки. Јас и граѓаните на Чигасаки ќе навиваме за македонските олимпијци, вели Сато.

Република Македонија ќе ја претставуваат осуммина спортисти на ОИ во Токио: пливачите Миа Блажевска-Еминова и Филип Дерковски, Дејан Георгиевски (теквондо), Јован Стојоски (атлетика), Пулексенија Јовановска (карате), Арбреша Реџепи (џудо), Борјан Бранковски (стрелаштво) и Могамедгаџи Нуров (борење). Игрите се отвораат в петок, а веќе следниот ден настапуваат Дерковски и Бранковски.

– Вие надминавте многу предизвици за да дојдете на Олимписките игри во Токио и да настапите во најдобра форма. Ви посакувам сè најдобро. Ние, жителите на Чигасаки, ќе навиваме за вас, вели претседателот на Извршниот комитет за Игрите во Чигасаки, Хироши Ишида. (Крај)

извор: сдк.мк фото: сдк.мк

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука