ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

„Фронт 21/42“: 18 македонски и 15 албански организации апелираат за впишување на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност

Скопје/Охрид, 22. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ поднесе писмо до Комитетот за светско наследство, поддржано од 18 македонски и 15 албански организации, со апел за впишување на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност.

Триесет и четири организации од двете страни на светското наследство се длабоко загрижени за состојбата на Охридскиот Регион, која не е последица на војна или природна катастрофа, најчестите причини за уништени вредности и прогласување на светски наследства во опасност – туку директен резултат на управувањето со наследството од страна на локалните и централните власти на двете држави.

– За жал, алармот во 2019 година не ги разбуди нашите влади, и дополнителното време кое го добија од Комитетот за светско наследство за да ги спроведат препораките и неопходните мерки за заштита го искористија за нови планови за урбанизација, поволности за нелегалните градби маскирани со неколку симболични отстранувања на привремени конструкции, продолжување на неефикасното управување и неефикасната законска заштита, прекршувања на постоечките закони, чекори кон реализација на плановите за Коридор 8 без никаква анализа на алтернативни рути, празни и чисто формални одлуки кои навидум ги спроведуваат препораките, а во реалноста овозможуваат продолжување на уништувањето, се вели меѓу другото во апелот до Комитетот.

Она што особено ги загрижува потписниците на писмото е продолжувањето на процесите за урбанизација дури и по многу сериозното предупредување на Мисијата од јануари 2020 година дека „тековните и планираните модификации забрзано ја водат веќе ранливата состојба до точка по која нема враќање“.

– Сите урбанистички планови иницирани по мисијата во 2020 година и сите неспроведени, а неопходни активности (како проценка на влијанието врз животната средина на дивоградбите и рушење на објектите со негативно влијание) недвосмислено покажуваат дека нашите локални и централни власти продолжуваат по истиот пат кој го доведе светското наследство во сегашната лоша состојба, целосно свесни дека тоа е пат кој води до можно неповратно губење на непроценливо богатство кое му припаѓа на целиот свет и сите идни генерации“ – е ставот на „Фронт 21/42“.

Апелот, со кој се бара впишување на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност и осуда на свесното уништување на неговите вредности од страна на институциите, е потпишан од следниве македонски организации: Фронт 21/42, Охрид SOS, Факултет за Шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, Иниститут за комуникациски студии, Новинари за човекови права, О2 Иницијатива, Гоу Грин Скопје, Го Сакам Водно, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, Организација на потрошувачи Кочани, ЕД Вила Зора, Балканска Водна мрежа, Скриениот херој во секое дете, Еко-Живот Кавадарци, Рурална Коалиција, Планетум – Струмица, Грин.орг Кочани, Здрава Котлина – Струмица и Добра Земја – задруга за органска храна и следниве организации од Албанија: Albanian Centre for Environmental Governance – A.C.E.G, Eco Albania, UJA Center, Albanian Ornithological Society (AOS), The Resource Environmental Center Albania, Organizata ILIRIA, Tirana, Protection and Preservation of Natural Environment in Albania (PPNEA), Shoqata për Ruajtjen dhe Mbrojtjen e Mjedisit Natyror – Vlorë, „Friends of Korca“ Association, Albanian Network for Rural Development – ANRD, Qendra e Informacionit Aarhus Shkodër, Instituti për Ruajtjen e Natyrës në Shqipëri – INCA, Observator, Tirana, Cesvi, Vjosa Explorer.

Во рамките на 44-тата седница на УНЕСКО која оваа година се одржува во Кина, денеска ќе се одлучува дали охридскиот регион ќе се најде на листата светско наследство во опасност.

Многу од одлуките и препораките на Комитетот од последните шест години и претходните мисии не се имплементирани, неколку се само делумно и недоволно спроведени, а извесен број не се воопшто адресирани. Комитетот е длабоко загрижен за заклучоците на мисијата од 2020 година, според кои високите објекти близу езерото, слабиот архитектонски квалитет на изградената средина и несоодветната и претерана употреба на крајбрежната зона за туристичка инфраструктура, имаат големо негативно влијание врз универзалната вредност на регионот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука