Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Д-р Балески: За прв пат е изведена биполарна ресекција во болницата во Охрид (Видео)

Охрид, 22. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – За прв пат во охридската Општа болница денеска се изведе биполарна ресекција, при што беше користен новиот шторцов апарат.

Досега се користела монополарна ресекција, а сега се користи биполарната за третман на тумори и за простати. Тоа е метод каде се користи друго средство за испирање како физиолошки раствор, со што многу се намалува крварењето, но го скратува и престојот во болницата, информира за Супер радио и OhridPress директорот на Општата болница д-р Горан Балески.

– Предноста на ендоскопија и лапароскопија е што пациентот што денеска го опериравме со, да речам таков сложен оперативен зафат, задутре веќе си оди дома. Значи процесот на закрепнување е многу брз, нема резови, нема рани. Пациентот може да се врати на работа веднаш, не мора да користи боледување и тука е предноста, затоа што луѓето бргу се враќаат на работниот процес, потенцира д-р Балески.

Ваков ендоскопски апарат болницата имала и порано, што се користел 20-на години и со кој биле оперирани над 5.000 пациенти. Последните четири месеци се користи новиот 4К, шторцов апарат, еден од најмодерните моментално, не само во регионот, туку и цела Европа, а од кога е донесен имаме направено околу 200 операции што е огромна бројка, а најмногу имаме пациенти од Битола и Прилеп, истакна д-р Балески

– Предности има многу, доста е попрецизен, има поголем монитор, подобар извор на зрачење, подобри апарати за кршење камења, имаме нов ласер, кој го користиме за кршење на камења, за сечење. Работиме и лапараскопии, навистина имаме доста фреквенции како одделение, како болница, со околу пет до шест илјади прегледи годишно, ако се подели на 2-3 доктори, ќе видите дека тоа е огромна работа. Гледаме во целиот регион, да имаме задоволни пациенти. Најмногу пациенти имаме од Битола и Прилеп. Летниов период имаме доста пациенти и од Скопје, што беше изненадување и за нас, истакна д-р Балески.

Овој современ апарат е купен од страна на болницата, со дозвола од Министерство за здравство на Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука