ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Георгиески: Сите нелегални градби кои се во спротивност на препораките на УНЕСКО ќе бидат отстранети и нема да има никаква селективност

Охрид, 26. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Успесите и испорачаните резултати на Општина Охрид во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО, беа едни од најважните причини поради кои Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО, на вчерашната седница, одлучи да ни даде уште една шанса и дополнителен рок за зачувување на Статусот на заштитено подрачје, кој веќе 40 години го поседува Охридскиот регион, истакна денеска градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиески.

– Ова особено се однесува на сериозните и континуирани активности кои Општина Охрид ги презеде во делот на отстранување на бесправните градби, уредување на крајбрежјето и доследното почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство. За мене како градоначалник и за Општина Охрид, оваа позитивна одлука значи нова енергија и мотив да продолжиме уште посилно во спроведување на решенија и да вложиме максимални напори, за да покажеме дека знаеме да го чуваме и да грижиме за непроценливото богатство, кое го ни е оставено како аманет. Упатувам голема благодарност до Комитетот на УНЕСКО, за тоа што покажа желба на објективен начин да ја согледа целокупната состојба и тоа што успеа да ја препознае нашата вистинска волја, капацитет и подготвеност, да се соочиме со наследените катастрофални состојби. Уште еднаш сакам да потенцирам – Оваа Локална власт со поддршката на Владата на Република Македонија и во соработка со сите надлежни институции е цврсто одлучена да стави крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас, истакна Георгиески.

Тој напомена дека сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети, согласно новите препораки на УНЕСКО, Планот за управување, законските процедури и нема да има никаква селективност во постапките.

– Оваа можност сакам да ја искористам за да им порачам на сите еколошки организации, поединци и политички партии, кои беа наши дежурни критичари и секојдневно отвараа негативни теми во јавноста, во иднина да покажат поголем степен на свесност и преку конкретни предлози и проекти да дадат поддршка на целокупниот процес, на кој е посветена Општина Охрид. Исто така, сакам да ја информирам јавноста дека Општина Охрид согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство и законските процедури, веќе спроведува анализа и подготвува соодветен план за идно уредување на крајбрежјето и плажите, за кој ќе бидат консултирани граѓаните, сите туристички чинители и релевантни организации. Остануваме посветени, ги обезбедуваме најдобрите услови и ги реализираме најдобрите мерки со кои ќе ги зачуваме вредностите на нашиот Охрид, напомена градоначалникот Георгиески. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука