Избор Избори 2021 Македонија ТОП ВЕСТИ

Заев: Локалните избори ќе се одржат на 17-ти октомври

Скопје, 27. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Датумот на одржување на локалните избори останува ист, односно 17-ти октомври, изјави денеска македонскиот премиер Зоран Заев и покрај дилемите за тоа дали кампањата за изборите ќе се поклопи со претстојниот попис.

– Датумот, според предлогот од работните групи во кој учествуваат сите политички партии е 17-ти, односно, нема промени на датумот кој е утврден во самиот Изборен законик и досега. Имаше дилеми заради трите дена поклопување на пописот со кампањата, но, на крајот се одлучи трите дена не менуваат ништо, пописот е активност којашто финишира преку ден, кампањите се водат навечер. Впрочем пописот секојпат се држел 20 дена, овојпат се определени 30 дена, може навистина да се заврши порано. Има доволно време, нема потреба од какви било промени на датумот за изборите, рече Заев.

Тој откри и дека независните листи со кандидати за советници, за да учествуваат на локалните избори наесен ќе треба да соберат потписи од 2 отсто од избирачите од општината или Градот Скопје, според договорените измени на Изборниот законик, кои наскоро треба да влезат во собраниска процедура.

– Во општина со 50.000 избирачи треба да се соберат 1.000 потписи, а 1.500 гласа треба за советник да се избере, што значи умерено извлечена е паралела. Не се работи за договор помеѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, туку во изработка на предлог-законот учествуваа сите политички партии, и Алијанса за Албанците и Левица. На крајот, законот се носи во Собранието и таму може да се отвори дебата, што е сосема легитимно, кажа Заев.

Тој вели дека при изработка на овие законски измени се почитувани сите препораки на ОБСЕ и ОДИХР, меѓу кои и препораката за унифицирање на прагот за поднесување потписи за независни листи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука