Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Значително зголемен бројот на интервенции во охридската Брза помош, најмногу има за вирусни состојби, топлотни удари и колапси

Охрид, 28. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Значително зголемување на бројот на повици и интервенции се бележи периодов во Службата за итна медицинска помош во Охрид.

Најголем дел се однесуваат на вирусни состојби, односно стомачен вирус, а има и доста повици за колапси и топлотни удари предизвикани од жешкото време. Апелирам доколку е возможно да не се излегува надвор во периодот од 11:00 до 17:00 часот, да се консумираат што повеќе течности особено вода и да се избегнува пиење алкохол, потенцира за Супер радио и OhridPress д-р Љупка Николоска, раководител на Итната медицинска помош.

– Имаме значително зголемување на број на повици како и прегледи за вирусни состојби, лицата се жалат на покачена температура, повраќање, односно летен, стомачен вирус, како и за колапси и топлотни удари предизвикани од жешкото време. Апелирам, особено до повозрасните лица, да не излегуваат во најтоплите делови од денот од 11:00 до 17:00 часот, да ја земаат редовно терапијата, често да се разладуваат, да пијат повеќе течности, особено вода, да се избегнува алкохол, бидејќи со негово консумирање се намалува и концентрацијата при возење, мора да се внимава, истакна д-р Николоска.

Таа потсетува дека сé уште сме во состојба на ковид пандемија, а меѓу граѓаните и посетителите се чувствува опуштање, па истакна да не се заборава да се почитуваат и пропишаните мерки за заштита од коронавирусот.

– Има опуштање кај луѓето, но мора да се внимава, мора и понатаму да водат грижа како за сопственото, така и за здравјето на најблиските, но и на останатите лица. Мерките мора и натаму да се почитуваат, да се одржува дистанца, да се носат маски во затворен простор, потсетува д-р Николоска.

Со персоналот со кој располага Брзата помош вели дека ќе дадат максимални напори да им излезат во пресрет на сите кои ќе имаат потреба, но д-р Николоска потсетува дека здравствените работи се веќе и физички и психички исцрпени од целиот период наназад со ковид пандемијата. Уште еднаш апелира на совесност и свесност кај секој поединец, да се грижи за сопствено здравје, ковид мерките да се почитуваат, да се пијат течности, да се избегнува изложување на топлина, како би си помогнале себеси, но и на здравствениот кадар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука