ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

„Фронт 21/42“: На Охрид навистина му е потребен развој – на свеста

Скопје/Охрид, 29. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ излезе со реакција во врска со 44-та Сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и Одлуката за невпишувањето на Охридскиот Регион на Листата на светски наследства во опасност.

– Длабоко сме загрижени за иднината на единственото Светско природно и културно наследство во нашата земја, по усвојувањето на одлуката на Комитетот за светско наследство да не го впише Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност. Втор пат по ред Комитетот одлучи да ја отфрли експертската проценка на научниците, базирана на нивната посета на терен, овој пат алармирачка проценка дека не само што заканите идентификувани во 2017 година се сеуште присутни, туку во 2020 година се додадени и нови закани на веќе ранливата состојба. Научните факти за состојбата на Охридскиот Регион не беа особено релевантни за Комитетот за светско наследство, кој одлучи дека прогласувањето на светско наследство во опасност е поврзано со имиџот на владите, а не со зачувување на доброто. Одлуката од 2019 година ги охрабри македонските власти да продолжат со урбанизација на наследството; да предложат закони кои носат поволности за дивоградбите, маскирани со отстранувања на неколку привремени конструкции; да усвојуваат формални одлуки кои навидум ги спроведуваат препораките, но во реалноста овозможуваат продолжување на уништувањето; да не ги спроведат активностите од Планот за управување кои се клучни за воспоставување на ефективна правна заштита; итн. Ваквите постапки не престанаа дури ни по застрашувачкото предупредување на Реактивната Мониторинг Мисија од 2020 година дека „тековните и планираните модификации и развој забрзано ја водат веќе ранливата состојба кон точка по која нема враќање“, реагираат од „Фронт 21/42“.

Додаваат дека стравуваат дека оваа точка на неповрат ќе биде достигната многу набрзо, благодарение на новото охрабрување кое го носи повторената Одлука на Комитетот во 2021 година да не го впише Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност.

– Во Фуџоу на набљудувачките граѓански организации им се даде збор во времетраење од 1 минута, по усвојување на одлуките. Ваквиот модел на „партиципативна демократија“ во која ставовите на граѓанскиот сектор и автохтоното население немаат никакво значење во процесот на донесување одлуки е дијаметрална спротивност на Архуската конвенција, донесена токму од Обединетите Нации. Четириест и четвртата сесија на Комитетот за светско наследство означи голем триумф на политиката врз науката во Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите Нации, политика која не е особено заинтересирана за конзервација на светските наследства и комплетно ја обезвреднува улогата на заедниците – две од петте стратешки цели на Конвенцијата. Благодарни сме за чесната работа на Центарот за светско наследство и советодавните тела (ИУЦН и ИКОМОС), а особено сме благодарни на делегацијата на Норвешка, осамениот глас на разум, интегритет и автентична грижа за чудата на природата и исклучителните достигнувања на човештвото. Изјавата на Премиерот дека Охрид треба и ќе се развива и понатаму, дадена додека се разгледуваше можноста Охридскиот Регион да биде прогласен за наследство во опасност, е застрашувачка (поаѓајќи од досегашното искуство дека под „развој“ се подразбира градење и урбанизација). За Охридскиот Регион секаква понатамошна урбанизација не е развој туку назадување и дополнителна деградација на алармантно лошата состојба. Она што е неопходно е развој на свеста, особено свеста на носителите на одлуки и на локално и на централно ниво. Поразителна е и изјавата дека никој не е одговорен за состојбата на највредното богатство во земјава – отсуството на чувство за одговорност кај македонските политичари и кон сопствената нација и кон идните генерации на целиот свет е една од главните причини за уништување на вредностите на светското наследство, од прогласувањето на независност на нашата држава до денес.
Одговорноста не е слободен избор на носителите на власта и токму поради фактот дека се одговорни бараме Владата да донесе итна одлука за прогласување на вистински мораториум на секаква урбана и крајбрежна трансформација на територијата на Охридскиот Регион, односно доследно да ја спроведе препораката на Мисијата од 2020 година и Законот за управување со наследството. До Министерката за култура и Претседателка на Националната комисија за УНЕСКО апелираме да го имплементира во реалноста она што презентираше дека се спроведува за време на Сесијата на Комитетот за светско наследство и навистина да пристапи кон доследно спроведување на Планот за управување со Охридскиот Регион, почнувајќи од усвојување на новиот Закон за управување со наследството, кој според Акцискиот план требаше да биде донесен најдоцна до октомври 2020 година, активност за која се одговорни токму министерството со кое раководи и Министерството за животна средина, стои во реакцијата. (Крај)

извор: „Фронт 21/42“ фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука