COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Уште утре ревакцинација против COVID-19 во модуларна, од следната недела имунизација во вакциналниот пункт на Здравствен дом Охрид

Охрид, 30. јули 2021 (ОХРИДПРЕС) – Процесот на масовната ревакцинација што започна во спортската сала „Билјанини извори“, па се пресели во модуларната болница завршува утре.

Директорката на Здравствен дом Охрид, д-р Ајсел Зејноска за Супер радио и OhridPress потенцира дека од следната недела вакцинација, а потоа и ревакцинација против COVID-19 ќе се врши само во нивниот вакцинален пункт.

– Со ревакцинација во модуларната болница завршуваме на 31-ви јули, по што процесот на вакцинација со прва доза, а потоа и ревакцинација ќе се врши во нашиот вакцинален пункт. Доколку пак има голема заинтересираност, ќе побараме од Општа болница, од директорот д-р Горан Балески повторно да ни се отстапат простории во моуларната, вели д-р Зејноска.

Од 4-ти мај во Охрид функционираше Регионалниот пункт за имунизација, сместен во спортската сала „Билјанини извори“, каде прва и втора доза вакцина примаа жителите на Охрид, Дебрца, Струга, Вевчани, Дебар, Ресен и Кичево. Минатата недела процесот на ревакцинација се префрли во модуларната ковид болница, а веќе од понеделник имунизација ќе се врши во вакциналниот пункт на Здравствениот дом.

Минатата недела од министерството за здравство излегоа со процентот на вакцинирани лица по градови. Со 42,9 отсто вакцинирано население, Охрид е меѓу градовите со најголема стапка на вакцинација во Република Македонија, а пред нас е само Кавадарци. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука