ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

Започнаа подводните археолошки ископувања на локалитетот „Врбник“ кај Калишта (Фото)

Охрид, 19. август 2021 (ОХРИДПРЕС) – Минатиот четврток, на 12-ти aвгуст започнаа подводните археолошки ископувања на локалитетот „Врбник“ кој се наоѓа на западното крајбрежје на Охридското Езеро, на излезот на Струга, во непосредна близина на Калишта.

Првите сознанија за локалитетот се добиени во 80-тите години на минатиот век, а систематски подводни археолошки ископувања се водат во континуетет од 1998 година.

May be an image of body of water and nature

– Со досегашните истражувања откриен е исклучително богат движен археолошки материјал кој го сочинуваат керамички фрагменти, цели садови, керамички макари, биконусни пршлени, кружни тегови, разновидни бронзени предмети: белегзии со преклопени краеви, салталеони, двојни игли, железни сечила, јадици и др. Предметите се откриени во слој од кал чија дебелина изнесува околу 20 сантиметри и се простира по целата истражувана површина. Иако во најголем дел од керамиката е фрагментирана, се работи за форми кои се употребувале подолг временски период, а период на егзистенција на оваа населба согласно археолошките наоди е 7 и 6 век пр.н.е. Годинешните истражувања се насочени кон земање примероци од колците во претходно истажени и документирани делови од населбата, во времетраење од 20-тина дена, во периодот од август до септември 2021 година. Досега се откриени преку 500 колци и документиран е простор од околу 500 м2, што е во просек околу 1/10 од целата населба. Генерално можеме да насетиме појава на неколку куќи, информираат од НУ Археолошки музеј на Република Македонија.

May be an image of outdoorsПаралелно со подводните истражувања се вршат и подготовки за дендрохронолошки и карбон анализи, во просториите на Природно научен музеј „Никола Незлобински“ од Струга.

Носител на проектот е НУ Археолошки музеј на Република Македонија, во соработка со Музеј д-р „Никола Незлобински“ од Струга и Институтот за археолошки науки, Швајцарија каде ќе се прават дендрохронолошките анализи.

May be an image of 2 people and outdoorsВо проектот учествуваат: Александра Папазовска, која е и раководител на проектот, Валентина Тодороска, кораководител, подводниот археолог Бојан Танески, археологот Цветлана Василевска, Андреј Мачковски, докторант за дендрохронологија и нуркачи од нуркачкиот клуб „Норкач“ и „Скаут“ во Струга. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: НУ Археолошки музеј на Република Македонија

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука