Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Промоција на најновата книга за македонската книжевност од академик Ала Шешкен од Универзитетот „Ломоносов“ во Охрид

Охрид, 19. август 2021 (ОХРИДПРЕС) – Денес, во рамките на 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе биде промовирана книгата „Теми за македонската литература ХХ век“ од руската славистка, академик Ала Шешкен, професор на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“.

Настанот, којшто е и прво промотивно претставување на најновата книга за македонската книжевност од академик Шешкен ќе започне во 19:30 часот, а промотивна реч ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на МСМЈЛК при УКИМ.

Ала Шешкен, покрај тоа што е активна на школите на МСМЈЛК, со својата севкупна активност како славистка и компаративистка се издвојува како еден од најистакнатите и најпосветените промотори на македонската книжевност во меѓународни рамки. Со своите истражувања таа ги поставува темелите на систематското концептуално предавање и проучување на македонската литература на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва. Држи предавања и специјални курсеви од историјата на македонската литература, култура и македонската литературна критика на катедрата за словенска филологија при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Ломоносов“. Автор е на над 200 научни трудови, од коишто најголемиот дел се посветени токму на македонската книжевност.

May be an image of 3 people, people standing and outdoors

Најголемиот дел од најновата книга на Шешкен е посветен на развојните процеси на македонската книжевност во дваесеттиот век, со акценти на тематските и стилските особености во делата на десетици македонски писатели кои оставиле впечатливи траги во доменот на поезијата, прозата и драмата. Со ваквиот научен пристап книгата претставува своевидна историја на македонската книжевност во минатиот век.

Од 2007 година, Ала Шешлен членува во Македонската академија на науките и уметностите. Добитник е на меѓународното признание „Блаже Конески“ во 2015 година, за придонес во проучувањето и афирмацијата на македонската литература и македонскиот јазик. Оваа година таа ја доби наградата „Почесно Рациново признание“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука