Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија На кафе со... ТОП ВЕСТИ

Д-р. Маја Мојсова Мијовска: Делата на фамилиите кои одлучиле да донираат органи се најголема кампања за органодарителството

Охрид/Скопје, 26. август 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од мај минатата година до денес во Република Македонија се извршени пет трансплантации на срце, 14 на бубрези и една на коскено ткиво, сите од починат донор.

Делата на фамилиите кои одлучиле да се донираат органи по загубата на нивни блиски е најголема кампања во однос на органодарителството, тоа е она што остава впечаток на граѓаните да ја отворат оваа тема, изјави во интервју за Супер радио и OhridPress националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова- Мијовска.

Поразговаравме за дарувањето органи како висок чин на човекољубие, колкав е бројот на луѓе кои чекаат трансплантација на орган и колку е подигната јавната свест кога станува збор за ова прашање.

Супер радио: Првата трансплантација на срце ја реализиравте во услови на пандемија со Covid-19, во која живееме и денес. Колку трансплантации се направија од мај минатата година досега и колку лица има што чекаат за трансплантација на срце или бубрег?

Д-р. Мојсова Мијовска: Направени се пет трансплантации на срце, 14 на бубрези и една трнасплантација на коскено ткиво. Практично сите овие трансплантации што се случија и што одекнаа по медиумите па и по социјалните мрежи доведоа да сите ние почнеме да размислуваме за некоја друга димензија и за некои други односи кон човекољубието, како основна движечка сила. Во тек е и кампањата што ја подготвувавме преку министерство за здравство, само корона пандемијата малку ја успори.

Супер радио: Колку лица чекаат трансплантација на срце или бубрег?

Д-р. Мојсова Мијовска: Има околу 22 пациенти на листата за срце, сега моравме да ја апдејтираме листата на пациенти кои чекаат бубрези тоа се во моментов околу 90. За жал повторно се надградува таа листа во однос на нови пациенти кои ќе почнат на дијализа, плус корона вирусот доста ја промени здравствената состојба на пациентите, па некои не можат да влезат на листа поради одредени коморбидитети, односно здравствени проблеми што ги развиле во текот на перидов. Тоа е динамична работа, има пациенти, ќе има секогаш пациенти кои чекаат и на светско ниво тие бројки се големи. За жал има голем број на пациенти нови на кои ќе им затаи срце, бубрег. Имаме и млади пациенти на листа на чекање, има и постари кои многу години се на диајлиза, некои кои сега се започнати со дијализа, за жал ги имаме.

Супер радио: Сметате ли дека кај нас доволно е подигната јавната свест за органодонорство и што е потребно да се направи на тој план?

Д-р. Мојсова Мијовска: Да, подигната е јавната свест за органодарителство, тоа го ценам и по однос на тоа и како фамилиите одлучуваат да донираат органи. Ние имавме голем отпор од почетокот, процесот беше многу нејасен и тежок за фамилиите, што во суштина бараме и што значи сето тоа. Јас сум отворена и за медиумите и контакти да допрам до граѓаните и да кажам што значи тоа, дека не секоја смрт е органодарителство, точно се знае што кај пациентот треба да се случи за да стаса до тоа, за жал ние не можеме сите да ги спасиме. Но ако не сме можеле еден живот да спасиме да спасиме други. Многу се говореше, луѓето сакаат да говорат на темата, генерално очигледно делата на фамилиите кои одлучиле се најголема кампања во однос на органодарителството, тоа е она што остава впечаток на граѓаните да ја почнат темата. Никој не сака да разговара за смртта, но е неминовна. Би требало да размислуваме доколку нас ни се случи нешто, што би сакале да направат со нас. Тоа е многу благородно навистина, продолжуваме живот, едноставно дел од нас живее во некој друг, на крај на краиштата животот треба да го продолжуваме, трансплантацијата е врв на медицината што остава голем траг, тоа е нешто што последниве 40 години е најдвижечката сила во однос на пациентите кои не можат да стасаат до орган.

Супер радио: Вчера беше извршена трансплантација на срце и бубрези од починат донор. Во каква состојба се тројцата пациенти?

Д-р. Мојсова Мијовска: Пациентот кај кој беше трансплантирано срце е добар, стабилен, кај другите двајца бубрезите одлично им функционираат. Со добар постоперативен тек задоволни сме севкупно досега, сé уште е рано, но задоволни сме од постоперативниот тек. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука