ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2021 Македонија Општина Дебрца Охрид ТОП ВЕСТИ

Утре на полноќ истекува рокот за собирање потписи, 4 независни листи за Совет и една за градоначалник во Охрид

Охрид/Белчишта, 29. август 2021 (ОХРИДПРЕС) – Утре на полноќ истекува рокот за собирање потписи за поднесување независна советничка листа или кандидат за градоначалник на претстојните локални избори, кои ќе се одржат на 17-ти октомври во Охрид.

Потребните 350 потписи веќе ги обезбедија 4 иницијативи и еден независен кандидат за градоначалник на Охрид.

Сенад Усеиноски е кандидат за градоначалник на општина Охрид од Независната листа од Египќаните и за првата фотелја на улица „Димитар Влахов“ број 57 ќе ги вкрсти ракавиците со д-р Кирил Пецаков како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и актуелниот градоначалник на Охрид д-р Константин Георгиески од СДСМ.

Од листата на кандидати за членови на совет на општина Охрид, потребен број гласови собраа Група избирачи Арбен Демироски (Независна листа од Египќаните), Група избирачи Антонио Наумовски („Охрид има План Б“), Група избирачи Димитар Вељановски („Охрид пред се“) и Група избираше Стевче Стевоски.

Потписите се собираат пред службените лица на ДИК и пред надлежен нотар на образец утврден од Комисијата во терминот од 08:00 до 20:00 часот, а утре, на 30-ти август до полноќ. Просториите на ДИК во Охрид се во општинската зграда.

Во соседна Дебрца, актуелниот градоначалник на општината од редовите на СДСМ Зоран Ногачески, го соблекува партискиот дрес и поднесе независната кандидатура за градоначалник. Потребните 100 гласови се веќе собрани, заедно со независната советничка листа на која носител е Димче Андрески. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука