ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Отстранети две дивопоставени платформи на изворите на Црн Дрим во Св. Наум

Охрид, 29. август 2021 (ОХРИДПРЕС) – По наредба на Државен водостопански инспектор отстранети се две подвижни платформи поставени на водна површина на изворите на Црн Дрим кај комплексот „Свети Наум“ во Охрид, а што ги користеле од ресторанот „Острово“.

За овие две платформи од ресторанот немале дозвола од надлежниот Инспекторат, односно биле диво поставени. Ова е утврдено по вонредниот инспекциски надзор во саботата на три инспекторати – за животна средина, за заштита на природата и за водостопанство, јави vecer.press.

– Од извршениот надзор на лице место се констатира дека постојат шест платформи за кои правниот субјект се грижи, ги одржува и чисти согласно водостопанската согласност, за да не дојде до нарушување на протокот на водата. Извршено е отстранување на две подвижни платформи кои биле констатирани при вонредните инспекциски надзори како вишок, од кои едната била во рамки на платформа Број 1, а другата била поставена како самостојна платформа, за што се направи и фотографирање на местата каде биле истите поставени, информираат од Инспекторатот.

При инспекцискиот надзор, пак, на инспектор за заштита на природата, на лице место е утврдено дека правниот субјект не ја почитува спогодбата за регулирање на меѓусебните права и обврски кој врши дејност во заштитено подрачје – Национален парк „Галичица“ и изведува активности кои можат да предизвикаат промени и оштетувања на природното наследство или природно богатство, што е спротивно на спогодбата што е со ЈУНП „Галичица“.

Инспекторатот ги известил и надлежните на овој угостителски објект дека вршат дејност во заштитено подрачје и затоа се должни да обезбедат висок степен на заштита на биолошката и пределската разновидност и природното богатство како и зачувувањето на општо полезната улога врз природата во бафер зоната на строга заштита, бидејќи во целост ќе одговара за можните последици од несовесно и непрофесионално вршење на дејноста.

– Доколку не се почитува спогодбата со НП „Галичица“, како и Решението на Елаборатот за заштита на животна средина одобрено од Управа за животна средина при МЖСПП, ЈУНП „Галичица“ и ДИЖС ќе ја ограничи работата на субјектот поради штетните дејствија врз природата, без оглед дали се обезбедени дозволи, одобренија и согласности од страна на МЖСПП, децидни се од ДИЖС.

Оттаму најавуваат дека ќе продолжат со инспекциски надзори во Охридско-струшкиот регион и крајбрежје, а во есенскиот период е договорена обука за чуварската служба – ренџерите во НП „Галичица“ во делот на изготвување на документација за санкционирање на прекршители на законската регулатива. (Крај)

извор: vecer.press фото: vecer.press

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука