Економија Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Пуштена во употребата улицата „Абас Емин“, најавена реконструкција на „Македонски просветители“

Охрид, 3. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благој Бочварски, заедно со градоначалникот Константин Георгиески, во рамките на денешната посета на општина Охрид, извршија увид во рехабилитираната улица „Абас Емин“.

Министерството за транспорт и врски и општина Охрид со инвестиција од 40 милиони денари извршија комплетна реконструкција на водоводната и канализациона мрежа на оваа улица, како и поставување на нов асфалт.

Денеска двајцата го потпишаа договорот за реконструкција на локалната улица „Македoнски Просветители“ во центарот на градот, како дел од проектот за реконструкција на локалните патишта во општините.

– Новото сообраќајно решение предвидува две одвоени коловозни ленти со тротоари од двете страни, велосипедскa патекa, нова атмосферска канaлизација и ново улично осветлување. Возните ленти, такси паркингот, тротоарите и велосипедската патека ќе бидат изведени од гранитни камени плочи. Во должина на улицата планирано е изведување на среден разделен цветен појас, а ќе биде подигнат и нов дрворед од двете страни. Сакам да потенцирам дека ова е проект кој значително ќе го подобри изгледот на градот, модерен проект, со кој ја зголемуваме и безбедноста на граѓаните на улиците. Целокупната инвестиција чини скоро 38 милиони денари, изјави министерот Бочварски.

Градоначалникот Горгиевски најави нови инфраструктурни проекти за Охрид.

– Оваа можност сакам да ја искористам за да ја информирам јавноста дека pпштина Охрид, наскоро ќе започне со реконструкција на улиците „Прилепска“, „Будва“ и „Прва Македонска Ударна Бригада“ делница 2. Исто така, сакам да го најавам и почетокот на реконструкцијата на улицата „Гоце Делчев“ која ќе се реализира преку програмата на ТАВ за поддршка на инфраструктурни проекти и со средства од буџетот на Општина Охрид, додаде Георгиески. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука