ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Јавно обвинителство: Се врши обдукција на телата на 14 загинати во пожарот во тетовската модуларна болница

Скопје/Тетово, 9. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Јавното обвинителство утрово соопшти дека ќе се врши обдукција на тела на 14 загинати во страотниот пожар во тетовската модуларна болница, а се испитува дали има и други жртви.

– Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал, соопшти обвинителството.

За вршење непосреден увид на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, покрај тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово, синоќа излегоа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство од Скопје.

– До раните утрински часови, обвинителите сослушаа вработени во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот. Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан, стои во соопштението. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Тв Алсат М

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука