ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2021 Охрид ТОП ВЕСТИ

Димковска: Само едно избирачко место во Охрид со променета локација

Охрид, 21. септември 2021(ОХРИДПРЕС) – За претстојните локални избори, закажани за 17-ти октомври во основа нема измени во локациите на избирачките места.

Ќе се задржат промените што беа извршени за време на парламентарните избори, со почитување на протоколите за заштита од COVID-19. Единствено имаме една промена на локација и една суштинска измена во опис на избирачко место, информира за Супер радио и OhridPress Марга Димковска, раководител на поддрачното одделение на Државната изборна комисија.

– Измена има во локацијата на едно избирачко место. Гласачкото место 1255 1255/1 што беше сместено во просториите на Територијалната противпожарна единица, во овој изборен циклус запишаните избирачи сега ќе гласаат во просториите на ОУ „Братство Единство“. Има и една суштинска промена во однос на опис на избирачко место, во однос на состав на улици. Промена има на гласачкото место 1271, бидејќи бројката на запишани избирачи надминува 1.200. Во насока на почитување на ковид протоколите, гласачите од цела улица „Лазо Трпоски“ сега своето право на глас ќе го остварат на избирачкото место 1274, сместено во Гимназијата, потенцира Димковска.

Три кандидатури за градоначалник и единаесет советнички листи со вкупно 253 кандидати се во трка за една градоначалничка фотелја и 23 советнички места во охридскиот општински совет. Од советничките листи три се независни, исто толку поднесени од коалиции и пет од политички партии.

За денеска во 13:00 часот е закажано ждребувањето за утврдување на редоследот на гласачкото ливче на кандидатите за градоначалници и советничките листи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука