Кандидатите за градоначалник на Охрид со честитки по повод Денот на Македонската револуционерна борба
Охрид, 23. откомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Д-р Кирил Пецаков, од ВМРО-ДПМНЕ и д-р Константин Георгиески, кандидати за градоначалник на Охрид на локалните избори упатија честитки по повод Денот на Македонската револуционерна борба.
– 23-ти Октомври – Симбол на непокор, патриотизам и слобода. Дамјан Груев, Иван Хаџи Николов, Петар Поп Арсов, Христо Татарчев, Христо Батанџиев и Андон Димитров ја основаат Македонската револуционерна организација на 23-ти октомври 1893 година во Солун. Саможртвата и идеалите на борците за независна Македонија се должни за почит и вечен аманет. Нека е честит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба! Идејата е вечна! Да живее Организацијата! Да живее Република Македонија! – порача Пецаков.
Искрени честитки по повод „23 октомври – Денот на Македонската револуционерна борба“, упати и неговиот противкандидат Георгиески.
– Во овој датум и во овој ден, содржани се сите наши борби, стремежи и идеали за самостојна македонска држава. Генерации наши револуционери и борци ги вградиле своите животи, водени од идеалот за самостојна држава, за праведен живот и социјална еднаквост. Денес, ние им се поклонуваме на сите кои придонеле да ја имаме нашата држава, која ја градиме како заеднички дом за сите граѓани. Пред нас денес стојат нови искушенија и предизвици, на кои верувам дека како генерација успешно ќе одговориме, нашата Татковина да биде просперитетна и успешна со благодети за сите граѓани. Да ни е вековит и честит “23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба“, истакна д-р Константин Георгиески.
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |