Охрид, 31. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Со освоени 16.980 гласови или 54,63%, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид д-р Кирил Пецаков победи во вториот круг на локалните избори 2021 година, покажуваат официјалните резултати на Државната изборна комисија (ДИК).
Неговиот противкандидат, д-р Константин Георгиески од СДСМ освои 13.161 гласа, односно доби доверба од 42,34% од гласачите.
– Никогаш нема да ве разочарам. Поминавме две недели во кои оваа власт ни покажа зошто треба да замине. Хибридниот режим е поразен во цела Македднија. Се соочивме со многу притисоци за кои најдовме начин како да ги надминеме. Не потценија, но ние работевме и знаевме дека ќе дојде денот кога ќе кажеме дека Охрид и Македонија победија. Нема место во Охрид, без разлика кој живее – сите ја дадоа поддршката и бескрајно сум Ви благодарен за тоа. Од првиот ден ќе работам за сите граѓани. Ние црната камапања ја оставивме настрана. Најдовме иновативен начин да ги претставиме идеите и проектите и покажавме дека Охрид е подготвен за нов систем за работа. Ќе имаме наскоро нова Влада предводена од новиот премиер проф. д-р Христијан Мицкоски. И 17-ти и 31-ви октомври беа референдумско изјаснување на народот – дали треба кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ да биде градоначалник, но и референдум и против најголемото зло во Македонија, а тоа е Зоран Заев. И покрај сите напори на многу луѓе да не успее ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, ние победивме. Победи народот на Охрид, победи обичниот народ, порача Пецаков по победата.
Пецаков водеше и по првиот круг од изборите со околу 2.000 гласа против актуелниот градоначалник на Охрид д-р Константин Георгиевски од редовите на СДСМ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива