Охрид, 1. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Чест ми е што во изминатите две и пол години му служев на Охрид и на охриѓани. Задоволен сум и горд на сите проекти кои ги реализиравме и сите успеси кои ги остваривме во изминатиот период. Носевме храбри и важни одлуки со кои се направи историски напредок, рече кандидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Константин Георгиески.
Тој се заблагодари на граѓаните за дадената поддршка на изборите, му ја честита победата на новиот градоначалник на Охрид, со желби за добро здравје и успешна работа. Нагласи дека како градоначалник и локална самоуправа оставиле проекти подготвени за реализација за кои се надева дека ќе бидат преточени во дело од новата локална власт.
– Му го честитам изборот на новиот градоначалник на Охрид, господинот пратеник Кирил Пецаков, му посакувам добро здравје и успех во работата. Ја почитувам демократската одлука на охриѓани, се надевам дека го направија вистинскиот избор. Им благодарам на сите соработници, сопартијци во целокупната кампања, теренската работа и борбата за подобра иднина за нашиот град. Охрид е наше најскапоцено богатство и заслужува да оди напред, охриѓани ги заслужуваат најдобри политики, најдобри проекти и многу работа. Носевме храбри и важни одлуки со кои се направи историски напредок. Ја раздолживме општината, го сочувавме статусот на УНЕСКО и значително ги подобривме условите во инфраструктурата и обрзованието. Оставаме голем број готови проекти, како улицата „Македонски просветители“, катната гаража, плоштадот „Чинар“, кои се надевам дека новата локална власт успешно ќе ги реализира. Со вчерашниот ден заврши едно поглавје од мојот живот што вклучуваше политички ангажман, сега ќе се посветам на професијата од таму каде што дојдов и ќе продолжам да работам како лекар, потенцира Георгиески.
Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), со освоени 16.993 гласови или 54,60%, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид Кирил Пецаков победи во вториот круг на локалните. Неговиот противкандидат, Константин Георгиески од СДСМ освои 13.186 гласа, односно доби доверба од 42,37% од гласачите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес