Скопје, 29. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од среда граѓаните на пазарење ќе треба да одат со платнени торби, или пак ако сакаат кеса ќе треба да платат 15 денари.
Почнува да важи одлуката за забрана за употреба на пластични кеси ќе биде дозволена продажба само на биоразградливи кеси по цена од 15 денари. За средствата од продадените пластични кеси трговците ќе мора да водат евиденција по квартали, а надоместоците ќе треба да ги уплаќаат на посебна сметка на органот за животна средина.
– Идејата на оваа мерка е граѓаните пред се да користат сопствени торби за повеќекратна употреба за пазарување. Секојдневното користење на пластика создава секојдневно големи количини кои не се разградуваат, истакна пред речиси два месеци министерот за животна средина Насер Нуредини, откако Собранието ги донесе четирите закони за управување со отпад.
Од 1-ви декември угостителските објекти нема да имаат право да продаваат храна во пластични еднократни пакувања во заштитените природни подрачја.
Не само во Европа, туку и во Македонија постои забрана за употреба на пластичните кеси уште од 2012 година, но истата не се применува бидејќи непосредно по донесувањето на забраната беше донесен правилник за стандарди за биоразградливост, со кој пак се поништува напишаното во Законот за управување со пакување и отпад од пакување. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива