Охрид, 29. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Врнежите од дожд позитивно се одразија на хидролошката состојба на Охридското Езеро, деновиве нивото порасна за три сантиметри.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,13 м.н.в, што е пак за 13 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,26 м.н.в) и три сантиметри над минимално дозволената кота.
Температурата на езерската вода, измерена утрово е 11 степени, што е за 1,8 степени пониска од просекот за овој период од годината.
Состојбата со нискиот водостој на Охридското Езеро е присутна подолго време, минатата недела три дена беше на минимално дозволената кота, за што од УХМР излегоа со информација дека доколку продолжи трендот на намалување на водостојот, ќе биде нарушено нормалното функционирање на целиот биодиверезитет во него, па предупредуваат на внимателно следење на состојбата.
И за оваа недела метеоролозите најавија дождови, што дополнително ќе го зголемат нивото на езерото.
Во Охрид денес променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат поројни.
До крајот на денот на планините над 1500 м.н.в врнежите ќе преминат во снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец.
Mаксималната температура во Охрид ќе се искачи до 9. степени.
– Денес ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег, кои на места ќе бидат пообилни и поројни. Поради продор на студена воздушна маса, во текот на ноќта врнежите ќе преминат во снег и на повисоките места, а снег ќе провејува и на некои пониски места во западните и северните делови. Утре ќе дува засилен северен ветер (над 60км/ч.), што ќе предизвика значително намалување на температурата. Поради разведрувањето, во среда и четврток утринските температури насекаде ќе бидат негативни, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР