Охрид, 9. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро и понатаму продолжува да расте.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,24 м.н.в, што е за 8 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,32 м.н.в), односно 14 сантиметри над дозволениот минимум. Температурата на езерската вода, измерена утрово е 9 степени, што е за 0,2 степени пониска од просекот за овој период од годината.
На крајот на ноември нивото на водата три дена беше на минимално дозволената кота, а дождот и снегот ја подобрија хидролошката состојба, па за две недели водостојот се покачи за 14 сантиметри. Најавениот дожд деновиве се очекува и натаму да го зголеми нивото.
Во Охрид денес променливо облачно време со услови за локален дожд во попладневните часови.
Mаксималната температура во Охрид ќе се искачи до 9. степени.
– Следува период на променливо облачно време со повремени врнежи, кои ќе започнат денес попладне, а пообилни ќе бидат во сабота (на места и над 20 л/м2.). На планините врнежите ќе бидат од снег каде дополнително ќе се зголеми снежната покривка, а врнежи од снег ќе има и на некои повисоки места, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР